Утрински Весник
Свет

Поддршка на Кина кон Русија и руската инвазија врз Украина

Hahsu.jpg

Во периодот кога се наближува двегодишнината од руската инвазија врз Украина, повторно се актуелизира прашањето на регионалната и глобална изолација на Русија. Кина е една од ретките држави која отворено застанува на страната на режимот во Москва, со општоприфатен став дека нејзината информативна, економска и логистичка поддршка за Москва е значителна и потенцијално дури и одлучувачка за воениот исход.

Русија останува клучен партнер за Кина во нејзината решеност да го поткопа светскиот поредок во кој САД и Европа поставуваат агенда или правила кои ја засилуваат глобалната безбедност и просперитет уште од завршувањето на Втората светска војна. И самата Кина уживаше огромна придобивка од овие правила. Од почетокот на инвазијата, Кина и Русија употребија повеќе исклучувачки тактиктики кон Западот низ мултилатералните организации што ги водат и контролираат – како што се БРИКС и Шангајската организација за соработка (SCO). Тие се обидуваат да манипулираат со овие групи со цел да ја достигнат нивната визија за пост-западен глобален поредок.

Во првите денови на конфликтот, кинеското МНР ги засили неоснованите тврдења на Кремљ за биолабораториите кои функционираат во Украина, истовремено обвинувајќи го Западот за конфликтот. Пекинг и Москва уживаа значителен успех во обликувањето на информациската средина и префрлањето на вината за конфликтот и неговите последици кон Украина.

Досега нејасниот „мировен план“ на Кина не постигна ништо конкретно и продолжува да ја нагласува важноста за нејзиното партнерство со Русија. Од инвазијата, Кина постојано ги обвинува НАТО и Западот дека ја провоцирале Русија да го започне нападот и не ги земале предвид легитимните безбедносни интереси на Русија. Таа се воздржа да го нарече конфликтот војна или да каже дека Русија го нападнала својот сосед.

И не само тоа. Кинескиот извоз во Русија на возила, беспилотни летала, делови за тенкови и борбени авиони и електронски компоненти играат одлучувачка улога во помагањето на руските сили да избегнат воена катастрофа во Украина. Овој извоз најчесто се реализираше индиректно, бидејќи кинеските пратки кои номинално се упатуваа кон Белорусија и други места, многу веројатно потоа се реекспортираа во Русија.

Кина и Русија истражуваат нови области на соработка во 2024 година, вклучувајќи ги автомобилската индустрија и земјоделските производи, откако минатата година достигнаа рекордно високо ниво на билатерална трговија. Цврстата трговска врска им пркоси на сеопфатните санкции на Западот врз Русија по нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година, дополнително зацврстувајќи го „Пријателството без лимити“ меѓу Пекинг и Москва, при тоа намерно игнорирајќи ја цената на загубените човечки животи во Украина од раката на Русија.

Во случај некој да заборави, важно е да се разбере дека поддршката на Кина кон Русија има широки регионални и глобални последици. Со ова, Кина го поткопува самоопределувањето на народите и националниот суверенитет на Украина. На Балканот, преку непризнавање на независноста на Косово, Кина уште еднаш зазема иста позиција со Русија. И амбасадата на Кина во РСМ повремено објавува содржини против независноста на Тајван и неговото право за самоопределување. Постои и треба да постои загриженост поради различните начини на кои присуството на Кина во Западен Балкан потенцијално ја поткопува посветеноста на регионот да се придружи до европските вредности, како што се владеењето на правото, грижата за животната средина, слободните медиуми, итн.

Соработката на Кина со земјите од Западен Балкан, вклучително и РСМ, во трговијата, инвестициските и инфраструктурни проекти има свои предности, како пониски цени за потрошувачите и можности за локалните компании. Истата предизвикува и загриженост за квалитетот и безбедноста на кинескиот увоз, потенцијалната експлоатација на работниците, нарушувањето на конкуренцијата, заобиколувањето на прописите за државна помош, како и пречекорување на роковите за завршување на проектите. Типичен пример за ова е договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатот Кичево – Охрид, потпишан дури во 2013 година, за што досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра. Првичната сума за проектот беше 374 милиони евра, а сепак десет години подоцна, проектот остана незавршен и се наоѓа во хаотична состојба.

„Пријателството без лимити“ меѓу Кина и Русија подразбира преземање на активности кои ги поткопуваат меѓународните норми и легалните стандарди од кои Северна Македонија и остатокот од светот имаат огромни придобивки. Поради сето горе наведено, Северна Македонија треба да биде претпазлива во нивото на односи со Кина, односно да не се доведе во ситуација истите да бидат пречка за евроинтегративниот процес на државата.

Можете да прочитате

Четириесет тела со траги на мачење пронајдени во болница во Дамаск

Годинава во светот загинаа 104 новинари, Газа најопасна зона

Падот на Асад ги доведе во неизвесност сириските бегалци во ЕУ