Шведското претседателство со ЕУ почна консултации со членките во врска со барањето на таканареченото Косово за членство во ЕУ, изјави шведскиот амбасадор во ЕУ, Ларс Даниелсон.
Тој додаде дека не сака да прејудицира какви ќе бидат резултатите од тие консултации, пренесува „Коха“.
„Се консултираме со многу земји за да видиме како ќе одлучиме за ова барање. Имаме пет земји што не го признаваат Косово и природно е првин да се консултирам со нив. Веќе се сретнав со некои од нив и продолжуваме со средби“, рече Даниелсон на средбата со акредитираните новинари во Брисел.
Тој појасни дека одлуката како да се постапи по барањето на Приштина е процедурална, но и политичка.
„Тоа е процедурално, но има и политичко значење. Не сакам да ги прејудицирам резултатите од консултациите. Имаме две алтернативи – да го доставиме до Комисијата или да не го доставиме. Работиме на овој случај со голем ентузијазам“, рече Даниелсон.
Според процедурите на ЕУ, кога една земја ќе поднесе барање за членство, Советот бара од Европската комисија да подготви мислење за тоа дали апликантот ги исполнува условите за кандидатски статус и за почеток на преговорите за членство.