Утрински Весник
Македонија

Почина Мартин Треневски – поранешен министер, амбасадор и истакнат новинар

Martin trenevski 1024x576 1.jpg

Почина поранешниот министер, амбасадор и новинар Мартин Треневски, соопшти неговото семејство. Треневски беше едно од препознатливите имиња во македонското новинарство, дипломатија и јавен живот, оставајќи значаен белег низ повеќедецениската професионална кариера.

Роден во 1949 година во Скопје, Треневски дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата англиски јазик и литература. Постдипломските студии по масовни комуникации и информирање ги посетувал на Институтот за социолошки и правно-политички истражувања, каде се стекнал со звање магистер по политички науки.


Својата новинарска кариера ја започнал во повеќе дневни, неделни и месечни медиуми во Скопје, а професионалниот врв го достигнал во тогашната агенција ТАНЈУГ. Во 1986 година бил именуван за дописник од Австралија и Јужниот Пацифик, каде активно ја следел и афирмирал македонската заедница во Австралија. Како публицист и истражувач, Треневски е автор на бројни дела и публикации.

Со осамостојувањето на државата, Треневски беше именуван за министер за информации во првата влада на Република Македонија. Подоцна ја извршуваше и функцијата министер за иселеништво, работејќи на јакнење на врските меѓу државата и македонското иселеништво ширум светот.

Во дипломатската кариера беше амбасадор на Македонија во Шведска, Норвешка, Финска и Естонија, генерален конзул во Торонто, како и македонски амбасадор во НАТО.

Треневски беше активен и на политичката сцена како член и активист на ВМРО-ДПМНЕ уште од почетоците на партијата.

За својата работа како новинар, публицист и дипломат добитник е на повеќе домашни и меѓународни признанија, меѓу кои и највисоката новинарска награда во Македонија – Мито Хаџивасилев-Јасмин, која ја добил во 1983 година.

Погребот на Мартин Треневски ќе се одржи утре, 27 мај 2026 година, во 13 часот на Градски гробишта Бутел.

Можете да прочитате

Кривична и притвор за насилници од Турција за напад врз доставувач во Скопје

Пропадна набавката за полициски униформи

Филмски омаж на Анте Поповски по повод 95 години од раѓањето во Кинотека