Утрински Весник
Балкан

По визната либерализација за Косово, Приштинскиот аеродром со 11,5 отсто повеќе патници од лани и 74 летови дневно

20241018102532 Big 730x400 87.webp.webp

Укинувањето на визите за Шенген-зоната за косовските граѓани, кое стапи во сила на 1 јануари годинава, значително влијаеше на зголемувањето на работата на Меѓународниот аеродром во Приштина, така што во деветте месеци од годинава, во однос на истиот период минатата година, бројот на патници и летови е зголемен за над 11 отсто, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според податоците на управата на аеродромот „Адем Јашари“, кои ги објави порталот „Газета експрес“ (gazetaexpress.com), бројот на патници од косовската престолнина од 1 јануари до 30 септември 2024 надминал три милиони.

Арта Мехмети од Канцеларијата за медиуми на аеродромот во Приштина за порталот вели дека во споменатиот период е зголемен и бројот на летови. Конкретно, од почетокот на годинава до минатиот месец нивниот број е зголемен на над 20 илјади, додека бројот на летови во истиот период лани изнесувал нешто над 18 илјади.

Од овој аеродром, како што информира Мехмети, во просек дневно има по 74 летови.

„До септември 2023 година имавме 18.016 летови, додека годинава оваа бројка е зголемена на 20.248 летови, што претставува зголемување за околу 11%. Што се однесува до бројот на патници, од 2.639.477 во 2023 година, годинава достигнавме до 3.051.957, што бележи пораст од околу 11,5%. Овие бројки го одразуваат континуираниот развој на нашиот капацитет и зголемениот интерес на патниците“, изјави Мехмети.

Моментно директни летови од аеродромот во Приштина има до 38 дестинации во 15 земји, додека на крајот на овој месец се очекува да биде додадена уште една нова линија.

„Оваа година се очекува да се додаде нова дестинација. На 28 октомври ќе биде пуштена во употреба новата линија до Амстердам, со која управува компанијата ‘Изи џет’“, изјави Мехмети.

Можете да прочитате

Српскиот премиер очекува уште оставки поради трагедијата во Нови Сад

Радев се сретна со претседателот на бугарскиот клуб од Битола

Српската опозиција в понеделник со протест пред Владата