Утрински Весник
Македонија

Петровска: Наместо чаши вода пред камерите, јавноста заслужува одговори за труењето!

23d1ccb1 c5ef 4cc0 a21a 680293c273c3.jpeg

Пратеничката Славјанка Петровска повторно побара целосно расчистување на случајот со водата во Гостивар, оценувајќи дека еден месец по труењето јавноста сè уште нема одговори за институционалната одговорност.

Повод за нејзината реакција е фотографијата на претставници на институциите пред чешма, со која, според Петровска, се испраќа порака дека проблемот е надминат.

„Од големи планови за иднината, стигнавме до групна фотографија со чаши вода. Еден месец по труењето во Гостивар, наместо целосен јавен извештај и расчистена одговорност, цела делегација се нареди пред чешма. Уште лента за сечење недостасуваше“, напиша Петровска.

Таа потсетува дека, според информациите од истрагата, спорните пумпи биле поставени на 25 јуни, а две од нив сè уште работеле при контролата на 16 јули. Дополнително, на 13 јули Центарот за јавно здравје Тетово ја оценил водата како безбедна, а истата ноќ биле регистрирани првите пациенти.

Петровска го отвора и прашањето за постапувањето на екипата на Институтот за јавно здравје, која, според објавените информации, била испратена по налог на јавен обвинител да земе мостри, но била попречувана во работата.

„Јавноста сè уште нема јасен одговор кој ги попречувал и дали некој одговарал за тоа“, наведува Петровска.

На удар на нејзината критика повторно се најде и министерот за здравство Сашо Клековски, кој, како што посочува Петровска, јавно се огласил на 18 јули, пет дена по регистрирањето на првите случаи.

„Таа петдневна празнина во јавната реакција не е неважен детаљ, туку сериозен институционален пропуст“, порача таа.

Во врска со приведувањето на три раководни лица од „Комуналец“, Петровска вели дека нивната евентуална вина треба да ја утврдат Обвинителството и судот, но предупредува дека случајот не смее да заврши само на тоа ниво.

„Тие не смеат да станат алиби за целиот систем. Кој контролирал? Кој ги добивал анализите? Како водата била оценета како безбедна? Зошто граѓаните не биле навреме предупредени?“, прашува Петровска.

Таа потенцира дека не бара политички мотивирани апсења, туку истрага која ќе ја утврди одговорноста на секое ниво до кое ќе доведат доказите.

„Исправната вода не е политички успех. Таа е основна обврска. Оставете ги чашите. Отворете ги документите“, порача Петровска.

Можете да прочитате

Дошле да му ја спасат шталата, тој ги нападнал – двајца пожарникари нападнати кај Прилеп

Демир Капија ја забрани водата за пиење и готвење

Втора жртва од Западен Нил: 24 пациенти на Инфективна, петмина на механичка вентилација