
Во завршниот дел од своето гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV, претседателот на Синдикатот за градежништво, Иван Пешевски, упати досега најжестоки критики кон државата и стратешките партнери, тврдејќи дека зад големите инфраструктурни проекти се кријат сурова експлоатација, небезбедни услови за работа и институционален криминал.
Пешевски опиша сцени од камповите на странските изведувачи кои, според него, наликуваат на затворски услови. Тој тврди дека работниците се под постојан надзор на обезбедување и немаат нормален контакт со надворешниот свет.
„Во камповите каде работниците поминуваат по 12 часа, двајца вработени се менуваат во еден ист кревет за да можат деноноќно да работат на градилиштето“, изјави Пешевски.
Според него, голем дел од оние што работат „на црно“ се македонски граѓани со блокирани сметки од извршители, кои поради тешката економска состојба прифаќаат плата во кеш за да преживеат. Токму поради тоа, вели тој, стануваат лесен плен за експлоатација.
Синдикалниот лидер предупреди и на можноста преку законски измени поврзани со проектите на Bechtel и Enka да се отвори простор за екстремно долги работни часови.
„Не ни треба автопат натопен со крв од жртви. Се туркаат измени работната недела да се зголеми на 60, па дури и на 72 часа. Тоа значи луѓе да работат по 12 часа секој ден, што е директен пат кон нови трагедии“, рече Пешевски.
Тој изнесе и сериозни обвинувања за начинот на кој се трошат парите на граѓаните наменети за капитални проекти. Според него, иако формално постојат квоти за домашни подизведувачи, речиси целиот финансиски бенефит завршува кај странски компании, додека домашните фирми добиваат само мал дел од работите.
Пешевски оцени дека институциите немаат поврзан механизам за контрола на состојбите на терен и дека полицијата, обвинителството и инспекторатот не реагираат координирано на проблемите што секојдневно се случуваат на градилиштата.
Во завршната порака тој директно им се обрати на работниците, повикувајќи ги да не прифаќаат работа која им го загрозува животот.
„Ако условите се небезбедни, одбијте да работите. Создадете притисок преку синдикатот и јавноста. Во спротивно, ќе продолжиме да бидеме дел од црната статистика на повредени и загинати без ничија одговорност“, заклучи Пешевски.


