Приоритет е да се зајакнат капацитетите на општините за подобро управување со јавните финансии, за наплата на локалните даноци и такси, како и за транспарентно и отчетно работење. Овие прашања се нотирани од
Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и во извештаите на Европската комисија, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, на вториор годишен Форум за локална самоуправа „Партнерство за одржливи локални самоуправи“ поддржан од УСАИД.
– Поддршката на УСАИД во градењето на капацитетите на општините трае од почетокот на децентрализација до сега. На почетокот, приоритет беше евидентирањето на наследените долгови на општините и предлагање на мерки за намалување на долгот, рече Пенов.
![]()
Тој објасни дека градоначалниците имаат проблем со ажурирањето на базите на податоци за наплата на данокот на имот, за што беше побарана помош и од централната власт.
– Данокот на имот е еден од најважните извори на приход за финансирање на изворните надлежности на општините, тие што не се финансирани со блок дотации од централниот Буџет и затоа локалните власти да вложат поголем напор. Но потребно е да се најде институционално, системско решение, заедно со другите надлежни институции, додаде Пенов.
Како што рече Пенов, финансиската стабилност на општините е најважна за да можат да ги извршуваат функциите и да испорачуваат услуги.
Исто така со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се формира и посебен фонд за перформанси, преку кој ќе бидат наградени општините кои што ќе покажат подобри резултати.
– Според последното мерење на перцепцијата на граѓаните, што го направи Министерството, има раст во генералното задоволство од 2.97 на 3.2%. Граѓаните се најмалку задоволни од локалниот економски развој, социјалната заштита, заштитата на животната средина, транспарентноста и урбанистичкото планирање, дополни тој.



