Пазарната инспекција влезе во продажни објекти на познат ланец маркети, каде наиде на непочитување на владините одлуки, дознава „Макфакс“. Неофицијално, изречените казни се над 30.000 евра, за прекршувања во маркети на различни локации. Инспекторите при проверки, утврдиле дека се прекршени Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, односно дека фирмата имала нечесни трговски практики.
Првичните информации се дека при проверките е утврдено дека се криеле производи, на кои цените им се ограничени со владини одлуки. Додека во магацин ги имало, рафтовите биле празни. Втората причина за изрекување на казните се продавање по цени, неусогласени со владините одлуки со кои се одредија највисоки цени.
Детали за акцијата на инспекторите од Пазарна инспеција се очекуваат утре.
На почетокот од месецов и претставници на Владата посочија дека се свесни за проблемот со криењето производи. На почетокот од месецот, беа замрзнати цените на зеленчукот. Претходно, се донесе и одлука за замрзнување на цената на лебот.