Утрински Весник
Македонија

Пациенти од Кочани кои се лекувале во Турција имале непријатности на аеродромот во Истанбул

Airports in istanbul 1200x630 1.jpg

Владата повторно најавува дека ќе ѝ помогне на семејствата на загинатите и повредените во кочанската трагедија. Премиерот Христијан Мицкоски информира дека членови на неговиот Кабинет разговараат со родителите на неделна основа. Тој најави дека наскоро и лично ќе се сретне и ќе поразговара со нив.

-Ние на дневна основа се соочуваме и решаваме проблеми кои се поврзани со случувањата во Кочани. Пред два-три дена дечиња се враќаа од лекување од Анкара и имаа непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул. Лично разговарав со еден од родителите и со претседателот Реџеп Таип Ердоган. Се среди целата работа и дечињата се вратија тука. Организиравме транспорт од аеродром во болницата „8 Септември“. На нивна одговорност не останаа на подолго лекување и излегоа оттаму. Оваа работа ќе трае со години. Се што можам ќе сторам. Ќе разговарам лично со семејствата. Цела Македонија болува и ќе болува. Работите не можат сами од себе да се решат, кажа Мицкоски од општина Штип.


За обвинувањата на опозицијата дека се води селективна истрага, Мицкоски посочи дека истрагата ја води Обвинителството и дека тој ниту се јавил, ниту комуницирал со некој обвинител.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Поголем дел од пациентите со изгореници и со вдишан чад се лекуваа во странство, а секојдневно се враќаат по неколку пациенти, кои продолжуват да бидат надгледувани и третирани во македонските болници.

Можете да прочитате

Девет од македонските кандидати за судија во Стразбур испаднаа по првата проверка

Учество на МЕП Муртезани на ЕУСАИР Форум во Крит

Средбата Мицкоски–Таравари заврши: Иднината на АА ќе се решава во мај