Утрински Весник
Магазин

Овој вирус може да биде предизвикувач на мултиплекс склероза

Img 8371

Научниците долго време се сомневаа дека вирусот Епштајн-Бар (ЕБВ), еден од најчестите вируси меѓу луѓето, може да биде предизвикувач за мултиплекс склероза, автоимуна болест која погодува околу 36 луѓе на 100.000 ширум светот. Сепак, тие не успеаја да објаснат како овој вирус, најпознат како причина за мононуклеоза, во некои случаи, не кај сите заразени лица, го поттикнува човечкиот имунолошки систем да го нападне сопственото ткиво, години по инфекцијата.

Сега истражувачите од Универзитетот во Тексас направија чекор напред во разбирањето на начинот на кој вирусот ги активира имуните клетки во раните фази на болеста, кога се појавуваат првите симптоми на мултиплекс склероза, но можеби сè уште не се дијагностицирани. Кај мултиплекс склероза, имунолошкиот систем погрешно го напаѓа миелинот, заштитната обвивка што ги покрива нервните влакна во мозокот и ‘рбетниот мозок. Некои претходни истражувања сугерираат дека тоа се случува поради т.н молекуларна мимикрија: вирусните протеини се слични на протеините во миелинот, така што човечкиот одбранбен систем почнува да ги препознава природните протеини како туѓи и почнува да ги напаѓа.

Конфузија на одбранбениот систем

Поточно, нападот е инициран од антитела кои произведуваат Б-клетки, еден вид бели крвни зрнца. Поради конфузијата на одбранбениот систем, тие се врзуваат за природните молекули и ги обележуваат за уништување. Ова е само дел од процесот, бидејќи Т-клетките, друг вид бели крвни зрнца, исто така се вклучени во одбраната. Тие го препознаваат алармот испратен од заразените клетки, а тоа е појава на антигени, специјални протеински фрагменти, на нивната површина. Имунолошкиот систем потоа произведува армија од клонови на Т-клетките специфични за тој одреден антиген.

За подобро да ја разберат улогата на Т-клетките, научниците го следеа нивното однесување во примероците на крв и цереброспинална течност (CSF) од осум лица со рани симптоми на мултиплекс склероза, за да видат што препознаваат Т-клетките. Тие ги споредија одговорите на Т-клетките со вирусот Епштајн-Бар, со лабораториски израснати клетки инфицирани со него и со лабораториски израснати клетки инфицирани со други вообичаени вируси, како што е вирусот на грип. Во примероците од крвта на пациентот, 13 проценти од Т-клетките се покажаа дека имаат рецептори за препознавање на клетки инфицирани со ЕБВ, додека само четири проценти препознаа антигени на грип. Меѓутоа, во цереброспиналната течност „експлодирал“ бројот на Т-клетки кои препознале клетки инфицирани со ЕБВ – ги имало дури 47 проценти.

Важна улога

Врз основа на овие резултати, научниците претпоставуваат дека Т-клетките присутни во цереброспиналната течност во најраните фази на мултиплекс склероза веројатно играат важна улога во развојот на болеста и тие мислат дека на некој начин придонесуваат за болеста или дури и ја предизвикуваат, како што рече неврологот Џон Вилијам Линдзи, еден од авторите на студијата, која беше објавено во PNAS. За подобро разбирање на нивната улога, потребни се дополнителни истражувања, свесни се научниците.

Интересно е што мултиплекс склерозата не е единствената „одложена“ болест со која се поврзува вирусот Епштајн-Бар.

Се верува дека истиот предизвикувачки агенс може да предизвика синдром на хроничен замор, познат и како мијалгичен енцефаломиелитис.

Можете да прочитате

Пет солени грицки во кои можете да уживате без да се грижите дека ќе се здебелите

Голем дочек на Бејби Лазања во Загреб, го пречекаа и градоначалникот и мандатарот Пленковиќ

Отстранете ги мрсните дамки со креда