
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес на социјалните мрежи објави дека е на унгарско-српската граница за лично да провери дали сè е во ред со гасоводот од унгарска страна, откако Србија еден ден претходно објави дека пронашла експлозиви на својот дел од гасоводот.
„Вчера се обидоа да го дигнат во воздух гасоводот од српска страна. Проверуваме дали сè е во ред од унгарска страна“, напиша Орбан во објава на Фејсбук.
Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека Србија ги пронашла експлозивите во близина на Кањижа, во близина на унгарската граница, а директорот на Агенцијата за воена безбедност, Ѓуро Јованиќ, во неделата изјави дека службата претходно имала информации дека некои воено обучени мигранти ќе се обидат да ја саботираат гасната инфраструктура и дека се пронајдени експлозиви произведени во САД.
Овој гасовод е поврзан со мрежата што транспортира руски гас до Турција, а потоа до Централна Европа.

