Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, го обвини Брисел дека подмолно ја напаѓа Унгарија со серијата санкции против Русија, што тој ги гледа како „бомба“ за економијата.
„Не сме загрижени за оние кои ја напаѓаат Унгарија од мрак, некаде од кулите во Брисел“, рече тој во говорот одржан во Залаегершег на западот на земјата, по повод националниот празник по повод 66-годишнината од Унгарската револуција против СССР во 1956 година.
„Тие ќе завршат таму каде што завршија нивните претходници“, додаде тој, предвидувајќи судбина за Европската унија слична на советскиот блок кој се распадна во 1991 година.
Овој говор следи по неговата најава дека ќе одржи референдум за европските санкции против Москва, што тој продолжува да ги критикува.
Во Будимпешта и низ целата земја беа поставени плакати со порака: „Санкциите од Брисел не’ уништуваат“.
„Војната пред нашата врата, финансиската криза и забавувањето на економијата во ЕУ, инвазијата на мигрантите од југ… мораме да се соочиме со многу проблеми“, рече Орбан, уверувајќи дека неговата влада „силна и обединета“, ќе ја надмине голготата.
„Унгарската влада ќе ја одржи економската стабилност следната година и ќе ги задржи ограничувањата за растот на цените на енергијата за домаќинствата, иако Европската унија се лизга кон економска криза“, изјави Орбан.
Орбан рече дека следната година ќе има повеќе предизвици, објави Ројтерс.
„Војна на исток и економска криза на запад“, кажа Орбан и додаде дека Унгарците во 1956 година научиле дека единството е неопходно во тешки времиња.
„Ќе ја зачуваме економската стабилност, секој ќе има работа. Можеме да ги одбраниме ограничувањата за сметките за енергија, а семејствата нема да бидат оставени сами на себе“, нагласи Орбан.
Од почетокот на војната во Украина, Унгарија се обидува да ги зачува добрите односи со Кремљ за да продолжи да добива нафта и гас. Тој не сака воено да и’ помогне на Украина и ја критикува стратегијата на Брисел.
Орбан и годинава не ги собра своите приврзаници во Будимпешта по повод националниот празник како досега, а професорите и студентите најавија голем протест.