
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја предупреди Белгија да не даде согласност за плановите на Европската комисија за користење на замрзнатите руски државни активи за финансиска помош на Украина, пренесува ДПА. Во пресрет на утрешниот Самит на ЕУ во Брисел, Орбан изјави дека евентуалната конфискација на овие средства би ја довела Белгија во сериозен ризик, бидејќи, како што рече, би се прекршило меѓународното право и би се загрозиле белгиските компании кои управуваат со тие фондови.
– Секој судски спор ќе биде изгубен и на крајот некој ќе мора да ги врати конфискуваните средства, порача Орбан.
Тој додаде дека во комуникација со рускиот претседател Владимир Путин добил уверување дека Москва ќе одговори со сите законски средства, но и дека ќе ја земе предвид позицијата на секоја поединечна земја-членка на Европската унија. Предлогот на Европската комисија предвидува средствата на Руската централна банка да се користат за долгорочни заеми за Украина.
Улогата на Белгија е од особено значење, бидејќи белгиската компанија „Јуроклир“ управува со околу 185 милијарди евра од вкупно 210 милијарди евра замрзнати руски средства во ЕУ. Иако одлуката формално може да се донесе со квалификувано мнозинство, Унгарија најави дека нема да го поддржи овој предлог на претстојниот самит, и покрај тоа што идејата има поддршка од германскиот канцелар Фридрих Мерц и други влијателни европски лидери.



