Утрински Весник
Скопје

Ѓорѓиевски: Започна одгасувањето на Вардариште, следува изградба на мега парк

Photo collage.png 74 1024x576.avif.avif

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека започнал процесот на одгасување на депонијата Вардариште, што според него претставува прв чекор кон нејзина целосна трансформација во голем парк.

Во објава на социјалните мрежи, тој посочи дека се работи за реализација на претходно дадено ветување, по спроведена физибилити студија. Во рамки на активностите, мапирани се 22 точки, односно бунари, преку кои ќе се собираат отпадните гасови што со години се акумулирале на оваа локација.


Од бушотините ќе се земаат примероци за анализа во сертифицирани лаборатории, со цел да се утврди нивното количество и состав. Паралелно со тоа, се одвива и процес на површинско расчистување на депонијата.

Според Ѓорѓиевски, целта е Вардариште да престане да биде симбол на запоставеност и ризик по здравјето, и наместо тоа да се претвори во нов јавен простор. Планот предвидува изградба на современ мега парк на површина од околу 300.000 квадратни метри, наменет за рекреација, спорт и подобрување на квалитетот на животната средина.

Дополнително, најавена е и изградба на мост кој ќе ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром, со што се очекува да се подобри сообраќајната поврзаност и да се намали метежот во овој дел од градот.

Градоначалникот истакна дека проектот има за цел да придонесе кон создавање поквалитетна и поздрава урбана средина за граѓаните на Скопје.

Можете да прочитате

Хоџа: Продолжуваат инвестициите во комуналната инфраструктура во Чаир

Пожарот кај Вардариште изгаснат, депонијата во Арачиново сè уште активна

Општина Чаир: Секој ангажман е законски, транспарентен и врзан со конкретна работа*