Утрински Весник
Македонија

Општините во Полог формираа заедничко одделение за справување со катастрофи

Општините во Полог формираа заедничко одделение за справување со катастрофи

Првпат во Македонија се формира административно меѓуопштинско тело, кое заеднички ќе се справува со управување на водите, ризиците од поплави и други видови природни непогоди.

dobivaj vesti na viber

Договорот за основање на заедничкото одделение го потпишаа градоначалниците од Полошкиот Регион и оваа активност е во рамките на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион“, финансиран од швајцарската влада, спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Поплавите во Полошкиот Регион однесоа човечки животи и материјални штети. Препознавајќи ја важноста на градење отпорност кон поплави во овој регион, Швајцарија инвестира над 12 милиони швајцарски франци во намалување на ризиците од поплави и подобрување на отпорноста, со што ќе придонесат кон одржливост и инклузивен развој на подолг рок. Еден од најважните начини за подобрување на отпорноста е градење меѓуопштинска соработка во насока на зајакнување на капацитетите и зајакнување на соработката и партнерството. Бидејќи поплавите не запираат на границата на една општина, ефикасна координација на надлежните институции, граѓанскиот сектор, приватниот сектор и медиумите на локално, регионално и на национално ниво се од клучно значење за справување со ризиците поврзани со климатските промени и за намалување на катастрофите предизвикани од поплави“, соопшти Амбасадата на Швајцарија.

„Формирањето заедничко меѓуопштинско тело, кое ќе се справува со ризиците од поплави на интегриран начин со заедничка администрација, е за првпат во земјата. Затоа со право можам да кажам дека овој акт, со кој УНДП, заедно со донаторот швајцарската влада и во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, ги опфатија сите девет општини од Полошкиот Регион, има еден вид историско значење во начинот на справувањето со ризиците од поплави и други природни непогоди. Ниту една општина сама не може да се бори со поплавите или друг вид непогоди“, изјави Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.

„Проектот ‘Подобрување на отпорноста од поплави во Полошкиот Регион’ претставува најдобар доказ дека со заеднички сили секогаш можеме максимално да ги користиме и да ги заштитиме водите, но и како да се заштитиме од нивното штетно дејство.

Ова значи дека сите засегнати страни, било тоа да се општини, јавни претпријатија или други регионални или државни институции, потребно е максимално да се фокусираат на меѓусебната соработка“, рече Илбер Мирта, раководител на секторот за води во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Административното тело беше одобрено од советите на сите девет општини во регионот, Тетово, Гостивар, Боговиње, Теарце, Врапчиште, Брвеница, Желино, Јегуновце и Маврово-Ростуше, а седиштето на телото ќе биде во Тетово.

Можете да прочитате

Муцунски: Нашиот пристап е да бидеме најдобрата влада пред граѓаните, но и во очите на нашите европски партнери во делот на испорачаните реформи

Сајкоски: Комисијата за избори и именувања не е надлежна самата да презема нешто околу интерпелацијата за Даути

Муртезани и Фидан: Заедничка визија за силен Балкан и европска иднина