Утрински Весник
Скопје

Општина Центар со вонреден еко-план: дератизација, чистење и нов систем за собирање отпад

Gerasimovski itno kopce 3 1024x682.jpeg
Dik 300x250 mk

Општина Центар воведе вонредни мерки за справување со наталожениот смет и зголемената појава на глодари, најавувајќи итна дератизација, поставување нови пунктови за отпад и вклучување на сите општински служби во акција за чистење.

Општина Центар усвои пакет итни мерки за справување со наталожениот смет и појавата на глодари, откако градот се соочи со сериозна еколошка криза. Градоначалникот Горан Герасимовски денеска го свика кризниот штаб и објави дека ќе се преземат повеќе активности за нормализирање на состојбата.


Нови пунктови за угостителски отпад

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ)” ќе воспостави посебни пунктови за собирање на угостителски отпад, со прецизен распоред за празнење. Сопствениците на ресторани, кафулиња и други локали се повикани отпадот да го одлагаат на локации со слободни контејнери, во двојни или тројни ќеси за да се спречи ширење непријатна миризба и загадување.

Итна дезинфекција и дератизација

Викендов ќе се спроведе итна дератизација и дезинфекција во сите училишта и градинки, како и чистење на ризичните точки околу нив. Според Герасимовски, ќе се организира и средба со управителите на згради и куќните совети, при што секое домаќинство ќе добие бесплатни големи ќеси за отпад кои се цврсти и отпорни на кинење.

„Секој влез ќе биде задолжен да направи дератизација, особено во подрумите, за да се спречи размножување на глодарите,“ нагласи градоначалникот.

Општината во вонреден режим на работа

Герасимовски предупреди дека Скопје е во состојба на хигиенска и здравствена опасност, бидејќи сметот со денови не се собира, а во повеќе делови на Центар се појавуваат стаорци.

„Целиот град е затрупан со отпад, состојбата е крајно алармантна,“ рече тој, додавајќи дека општинските служби и сите вработени во „ПОЦ“ ќе бидат мобилизирани за чистење и санација на кризата.

„Ова е момент кога секој јавен службеник мора да покаже одговорност. Ги стопираме сите несуштински активности и ги пренасочуваме ресурсите кон решавање на проблемот со отпадот,“ изјави Герасимовски.

Со овој итен план, Општина Центар има цел да ја стабилизира ситуацијата, да ја подобри хигиената во јавниот простор и да спречи можни здравствени ризици за жителите.

Извор: 360степени

Можете да прочитате

Ѓорѓиевски: Додека градските власти спијат, ние го чистиме градот

Градоначалничката Арсовска со одговор на прашањата на ВМРО околу сметот во Скопјер

Мециновиќ: За 72 часа ќе ги раскинеме договорите со кои казина и обложувалници се рекламираат на автобусите