Утрински Весник
Македонија

Јоновски за 4ТВ: Стравот од реакциите на соседите го одложуваше изборот на нов државен грб

Img 3759.jpeg

Стравот од реакциите на соседните земји и постојаното убедување дека „не е вистинскиот момент“ биле меѓу главните причини Македонија со години да не добие нов државен грб по осамостојувањето, вели хералдичарот Јован Јоновски.

Во специјалното „Отворено студио“ на 4ТВ, по повод 35 години независност на Македонија, Јоновски зборуваше за долгогодишниот процес на утврдување на државните симболи и причините поради кои прашањето за грбот останало нерешено.

Според него, иако Македонија стана независна држава во 1991 година, со години продолжила да користи симбол наследен од претходниот систем, без да биде избрано ново хералдичко решение кое би ја претставувало новата држава.

Јоновски посочи дека уште во официјалниот опис на предлогот на тогашната Уставна комисија можела да се забележи претпазливоста со која се пристапувало кон ова прашање.

Наместо фокусот да биде ставен на хералдичкото значење и описот на предложениот симбол на Сонцето, според него, значителен дел од образложението бил насочен кон уверување дека избраното решение нема да повреди или налути никого.

Токму ваквиот пристап, оценува Јоновски, придонел прашањето за новиот државен грб постојано да се одложува. Со години се сметало дека политичкиот момент не е погоден, а конечно решение не било донесено.

Последиците од ваквата неодлучност биле видливи и во секојдневното функционирање на државата.

Јоновски посочи дека Македонија со години издавала пасоши без државен грб на кориците, бидејќи постоело очекување дека прашањето за новиот грб наскоро ќе биде решено.

Сепак, привременото решение траело многу подолго од очекуваното. Од осамостојувањето во 1991 година, па сè до 2009 година, во употреба останал затекнатиот грб од социјалистичкиот период.

Сведоштвото на Јоновски покажува дека создавањето на државните симболи по независноста не било само прашање на хералдика и визуелен идентитет, туку и чувствително политичко прашање врз кое влијаеле регионалните односи и стравувањата од можните реакции на соседите.

Можете да прочитате

Авторот на македонското знаме Грчев: Сонцето и црвената боја да останат, но знамето може да се усоврши

Огномет, илјадници граѓани на плоштад – спомените на Перо Камиказа од 8 Септември 1991

Како се раѓаше денарот – Трпески: ЈНА се уште беше во Македонија