Утрински Весник
Македонија

Како се раѓаше денарот – Трпески: ЈНА се уште беше во Македонија

Img 3757.jpeg

Првите месеци по осамостојувањето на Македонија биле исполнети со големи институционални и економски предизвици. Новата држава требало практично од темел да воспостави механизми за самостојно функционирање – од гранични и царински контроли, преку платниот промет, до сопствен монетарен систем и национална валута.

За овој период во специјалното „Отворено студио“ на 4ТВ, по повод 35 години од независноста, зборуваше поранешниот гувернер на Народната банка, Љубе Трпески.

Тој потсети дека меѓу првите задачи по осамостојувањето биле утврдувањето на граничните премини, воспоставувањето сопствен царински систем и организирањето на платниот промет, неопходни за Македонија да започне да функционира како самостоен економски субјект.

Но, еден од најголемите предизвици било воведувањето на сопствената валута – денарот.

Според Трпески, дополнителна компликација претставувал фактот што Југословенската народна армија сè уште била присутна на територијата на Македонија.

„Најголемиот проблем за воведувањето на валутата беше што Југословенската народна армија сè уште беше тука“, посочи Трпески во „Отворено студио“ на 4ТВ.

Присуството на ЈНА отворало и конкретни финансиски дилеми. Едно од прашањата било во која валута ќе се исплаќаат офицерите на ЈНА – дали во новата македонска валута или во југословенски динари.

Истовремено, според Трпески, се поставувало и прашањето дали воведувањето на денарот во такви околности би можело да доведе до ситуација во која паралелно би функционирале две валути.

Сето тоа се случувало во исклучително чувствителен период, кога Македонија истовремено се издвојувала од југословенскиот монетарен и финансиски систем и ги поставувала темелите на сопственото економско функционирање.

Државните институции требало за релативно краток период да воспостават систем кој ќе овозможи непречен платен промет, царинско работење и функционирање на економијата во услови на нова државна и политичка реалност.

Затоа воведувањето на денарот не претставувало само промена на платежното средство. Создавањето сопствена валута било еден од клучните чекори во воспоставувањето на економскиот и монетарниот суверенитет на независна Македонија и заокружувањето на нејзината државност.

Можете да прочитате

Огномет, илјадници граѓани на плоштад – спомените на Перо Камиказа од 8 Септември 1991

Гоцевски за деновите на осамостојувањето: ЈНА беше подготвена, а Македонија немаше своја армија

Гошев: Јас сум таткото на правниот систем, 90 отсто од законите за конституирање на државата се направени од мене