
Поширокиот регион на највисоката грчка планина Олимп, од денеска е дел од Списокот на светско наследство на УНЕСКО по едногласна одлука на надлежниот Комитет донесена на 48-та сесија што се одржува во Јужна Кореја, соопштија Министерствата за култура и животна средина и за енергетика на Грција.
Според нив, одлуката е „едно од најзначајните меѓународни признанија во областа на заштитата на културното и природното наследство, бидејќи ја признава исклучителната универзална вредност на Олимп“.
Олимп е вклучен на Списокот како мешано наследство, што според надлежните Министерства е меѓу најсложените категории, бидејќи потребно е истовремено да се докажат и културните и природните вредности на локалитетот,
Во конкретната категорија, Грција сега има вкупно три заштитени подрачја, откако на списокот веќе се впишани Метеора и Света Гора, а „вкупниот број на впишани локалитети од Грција достигна 21“.
-Впишувањето на списокот ја препознава уникатната природна вредност на Олимп како подрачје од исклучително значење за биолошката разновидност. Со надморска височина од 2.918 метри, поради близината до бреговите на Егејското Море, големата висинска разлика, изразениот релјеф, топографската изолираност и неговата историска улога како глацијално прибежиште, Олимп е дом на 1.983 таксони, односно на повеќе од 25 отсто од грчката флора, соопштија од Министерствата за култура и животна средина и за енергетика на Грција.
Додадоа дека паралелно, Олимп е и „траен симбол на грчката култура и на светското културно наследство, како митско живеалиште на дванаесетте олимписки богови“
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, осврнувајќи се на одлуката, на Фејсбук напиша дека „митскиот Олимп станува планина на целото човештво, која треба засекогаш да биде заштитена!“
– Едногласната одлука на УНЕСКО да го впише Олимп во Списокот на светско наследство е национален успех од огромно значење. Не само затоа што повторно ја става Грција во центарот на меѓународниот интерес и тоа паралелно со светската дебата за Хомеровите епови, туку и затоа што ја потврдува волјата на земјата да го зачува и негува своето богато природно и културно наследство. Во исто време, претставува можност за развој на целиот регион што го опкружува овој уникатен биотоп, напиша Мицотакис на Фејсбук.
Министерката за култура, Лина Мендони, истакна со впишувањето на Олимп на Списокот се потврдува „долгогодишната посветеност на Грција кон заштитата, афирмацијата и одржливото управување со нејзиното културно и природно наследство, во согласност со принципите на Конвенцијата за светско наследство“.
Министерот за животна средина и енергетика, Ставрос Папаставру, потсети дека Олимп беше прогласен за прв Национален парк на Грција во 1938 година, претставува прибежиште за ретки грабливи птици, но и е дом на 28 отсто од растителните групи, односно над 1.900 видови, од кои 27 растат само на Олимп и никаде на друго место во светот.


