Утрински Весник
Македонија

Олеснет пристап за новинарите до услугите на ЈП Службен весник

46 1536x864 1.jpg

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и ЈП Службен весник на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува партнерство насочено кон подобрување на пристапот до правни информации и унапредување на информирањето во јавен интерес.

Преку оваа соработка, членовите на ЗНМ ќе добијат бесплатен пристап до сите релевантни закони, подзаконски акти и правни документи преку мобилната апликација на ЈП Службен весник на РСМ– овозможувајќи им постојан и лесен пристап, без разлика на времето и местото. Иницијативата има за цел да ја зголеми правната транспарентност и да придонесе за повисок квалитет и професионализам во новинарското известување.


„Новинарите имаат право и обврска да ги информираат граѓаните точно, навремено и со интегритет. Овој меморандум претставува значаен чекор во таа насока, бидејќи пристапот до точни и проверени правни информации и консолидирани законски текстови е суштински за добро информирани граѓани“, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Од ЈП Службен весник на Република Северна Македонија истакнуваат дека оваа соработка е пример за функционално партнерство помеѓу институциите и медиумската заедница, во насока на зголемување на транспарентноста и унапредување на демократските процеси во општеството.

„Овој Меморандум е конкретен чекор за поддршка на медиумите во нивната клучна улога – да информираат, анализираат и поставуваат прашања од јавен интерес. Веруваме дека со оваа алатка, новинарите ќе имаат уште посигурна основа за својата работа“, кажа Владимир Кроневски, директор на ЈП Службен весник на РСМ.

Можете да прочитате

Искршена камера кај домот на Вања, уништена е во вторникот вечерта

Таравари не остварил средба, но телефонски разговарал со Ахмети

Казна до 10 илјади евра за непочитување на обврската за објавување на цените на веб-страниците