Поранешниот светски рекет број 1, Новак Ѓоковиќ, честопати беше во центарот на вниманието поради работи кои немаат врска со тенисот – од неговиот специјален начин на исхрана, до одбивањето да се вакцинира, што оваа година му донесе депортирање од Австралија и неможност да оди на САД опен.
Во интервју за италијанскиот весник „Ла стампа“ додека настапува на АТП финалето во Торино, тој го објасни својот став, откако Австралија потврди дека во 2023 ќе му биде дозволен влез во земјата.
„Знам дека некои луѓе мислат дека се преправам, дека дел од работите ги правам само некој да ме сака. Не е така, сакам само да останам свој, единствен. Тоа се губи во денешниот свет. Не е возможно сите да бидат задоволни, но ако постои политичката коректност, тогаш барем можеме да се искажеме со почитување, без омраза, со слобода. Слободата на говорот денеска е мислам само илузија. Имам идеален пример од оваа година, со тоа што ми се случи со вакцината. Само ја искористив слободата да одлучам што да правам со своето тело, и веднаш сум одбележен како антиваксер, што не е точно. Ако не припаѓаш на одреден начин на размислување, веднаш стануваш лош човек“, оценува Србинот.