Утрински Весник
Македонија

Од понеделник најавен е прекин на товарниот сообраќај на граничните премини, МВР ќе обезбеди непречен сообраќај за патничките возила и автобусите

617465352 1190471619930030 3242849124452521100 n.jpg

Министерството за внатрешни работи – Оддел за гранични работи и миграција ја информира јавноста дека до Министерството за внатрешни работи е доставена најава за одржување на јавен протест од страна на асоцијацијата „Макам-транс“, кој е најавен да започне на 26.01.2026 година од 12:00 часот. Според доставената најава, протестот е планиран да се реализира на следните гранични премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.

Протестот ќе се манифестира со ограничување на сообраќајот за товарни моторни возила, односно со затворање на коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено на сите гранични премини. Според најавата на организаторот, протестот е предвидено да трае до седум дена, со можност да биде прекинат и порано, доколку во меѓувреме дојде до надминување на причините поради кои е организиран.

Министерството за внатрешни работи, во согласност со своите законски надлежности, ќе преземе соодветни мерки и активности за одржување на јавниот ред и мир, како и за обезбедување на безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.

МВР апелира до граѓаните и до превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, да ја следат официјалната комуникација и, доколку е потребно, да користат алтернативни гранични премини.

Можете да прочитате

Најдени тројца авганистански мигранти кај Гевглеија, едниот имал прострелна рана од огнено оружје

Трагедија во Скопје, 19 годишно момче загина во сообраќајка

Тетовец ја натепал сопругата и ја избркал од дома со три малолетни деца