Утрински Весник
Македонија

Од 5 август пеколни горештини на Балканот и до 45°C

Screenshot 2026 07 31 172756.jpg

Според најновите прогнози на метеоролошките модели, од 5 август се очекува дополнително засилување на африканскиот топлотен бран што веќе го зафати Балканот. Најекстремни температури се прогнозираат за Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, каде што локално живата во термометарот може да достигне и до 45 степени Целзиусови.

Времето ќе остане стабилно, суво и претежно сончево, без значајни врнежи, бидејќи станува збор за сув и многу топол воздушен бран кој пристигнува од северна Африка.

Екстремната жештина ќе ја зафати и Македонија. Од среда, особено во Скопската Котлина, Повардарието и југоисточните делови од земјата, дневните температури ќе надминуваат 40 степени, додека и во останатите региони ќе биде исклучително топло.

Освен високите дневни температури, следуваат и тропски ноќи. Во поголем дел од градовите минималната температура нема да се спушта под 20 степени, што ќе го отежне разладувањето и во текот на ноќта.

Поради очекуваните екстремно високи температури, се препорачува граѓаните да избегнуваат непотребен престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, редовно да внесуваат течности, да носат лесна и светла облека и да обрнат посебно внимание на децата, постарите лица и хронично болните. Надлежните препорачуваат максимална претпазливост додека трае топлотниот бран.

Можете да прочитате

Земјотрес вечерва го вознемири Скопје

На 103 години почина д-р Никола Стојановски, еден од последните живи учесници во НОБ

Левица: Илинден и АСНОМ носат иста визија – револуционерната искра не смее да згасне