
Метео анализа на Славчо Попоски:
Денешниот ден во Македонија ни носи променливо облачно и топло време со сончеви периоди. Од пладневните часови ќе има развој на конвективни грмотевични облачни јадра од кои очекувам локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Поради загреаната атмосфера која е исполнета со многу енергија локално процесите ќе бидат интензивни и ќе има појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни електрични празнења и со појава на град.
И во делови од Скопскиот регион денес ќе има услови за појава на нестабилност и на невреме проследено со пороен дожд, засилен ветер, електрични празнења и со локална појава на град.
Максималните дневни температури на воздухот денес ќе се искачуваат во интервалот од 26 до 34 степени, а во Скопје и околината температурата ќе се искачи до околу 32 степени.
Нестабилно облачно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и со појава на локално невреме ќе биде и во текот на утрешната вечер и ноќта кон петок кога ќе дува повремено засилен ветер од северен и од северозападен правец кој ќе услови освежување на времето и продор на посвежа вбоздушна маса од север која ќе предизвика пад на температурите на воздухот.


