
Русија сè почесто употребува млазни беспилотни летала во нападите врз Украина, создавајќи нов предизвик за украинската противвоздушна одбрана. Новите дронови летаат побрзо и на значително поголема височина од претходните модели, оставајќи им само неколку секунди на одбранбените екипи да реагираат.
Според украинските власти, во првите три недели од септември Русија лансирала околу 2.100 млазни дронови и 136 проектили. Во нападите загинале 288 лица, меѓу кои и четири деца.
Новата генерација беспилотни летала може да достигне височина од четири до седум километри, поради што преносните противвоздушни системи што ги користат мобилните украински тимови честопати не можат да ги погодат.
Украинското воено воздухопловство проценува дека се пресретнуваат околу 60 отсто од млазните дронови. Кај постарите модели на „Шахед“, кои се движат побавно и на помала височина, стапката на пресретнување надминувала 90 отсто.
Млазните беспилотни летала се поскапи од стандардните дронови, но нивното производство и понатаму чини помалку од изработката на крстосувачки ракети. Тоа ѝ овозможува на Русија да изведува долготрајни напади и истовремено да ја троши украинската противвоздушна муниција.
Цел на нападите сè почесто се пристаништата на Црното Море, железницата, магацините, логистичките центри и енергетската инфраструктура. Киев тврди дека со ова Москва настојува да ги наруши економијата и снабдувањето со храна, лекови и други основни производи.
Украина развива сопствени дронови-пресретнувачи, но за нивно масовно производство се потребни дополнителни средства. Претседателот Володимир Зеленски претходно соопшти дека во украинскиот одбранбен буџет за годинава недостигаат 27 милијарди долари.
Руските напади во близина на границите на НАТО во изминатите денови предизвикаа и активирање на борбената авијација во Полска. Полската армија соопшти дека операциите се превентивни и дека противвоздушните системи и радарите биле ставени во состојба на зголемена готовност.
Извор: „Ројтерс“.


