Утрински Весник
Македонија

Нови терапии влегуваат на позитивната листа

Screenshot 2026 06 25 150202.jpg

Пациентите во Македонија наскоро ќе добијат пристап до нови лекови преку позитивната листа, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Според него, проширувањето на листата треба да се реализира во текот на следниот месец и ќе опфати лекови кои се користат за спречување на згрутчување на крвта.

Меѓу терапиите што ќе станат достапни се Clexane, Fraxiparine и уште еден антикоагулант, кои се применуваат кај различни категории пациенти, особено по оперативни зафати и кај лица со зголемен ризик од тромбози и кардиоваскуларни компликации.


Клековски појасни дека овие лекови имаат широка примена кај пациенти кои закрепнуваат по сериозни хируршки интервенции, како и кај повозрасни лица со срцеви заболувања, каде постои ризик од формирање на згрутчувања.

Осврнувајќи се на употребата на антикоагулантите кај бремените жени, директорот на ФЗО најави дополнителни консултации со стручните служби на Клиниката за гинекологија и акушерство. Според него, потребно е подетално да се анализираат критериумите според кои одредени бремености се класифицираат како патолошки и врз основа на кои индикации се препишува терапијата.

Тој нагласи дека лекот Клексан не е наменет за рутинска употреба кај сите трудници, туку треба да се користи исклучиво кај пациентки со јасно утврдени медицински причини и ризици.

Во наредниот период, Фондот за здравствено осигурување ќе стави акцент и на контролата на потрошувачката на лекови што се издаваат на рецепт, откривањето евентуални злоупотреби и поефикасното управување со буџетот. Целта, според Клековски, е да се создадат услови за воведување на понови и посовремени терапии кои ќе бидат достапни за осигурениците преку јавниот здравствен систем.

Можете да прочитате

Македонија губи население, а инвестициите што можат да донесат работа се соочуваат со отпор

Антикоагулансите Клексан и Фраксипарин на Позитивната листа од јули, најави Клековски

Петровска до Мисајловски: Зошто две години во Министерството за одбрана платите не се зголемени?