Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, во полиција пријавил дека му се заканувал по живот, Муарем Хасани, кандидат за претседател на огранокот на ДУИ во Бутел и заменик директорот во Царина.
Хасани преку Фејсбук ги негираше обвинувањата на Ганиу.
„Разочаран, но не и очаен, во целост ги демантирам клеветите на Висар Ганиу за наводни закани од моја страна. Жалење за секој обид за валкање на демократските изборни процеси во ДУИ од страна на отуѓените од семејството што ги родило, ги одгледало и ги донело таму каде што се. Клеветите и оцрнувањето нека им служат на чест, ако ви останало малку чест!“, вели Хасани.
Од ДУИ велат дека клеветитесе очајнички обиди сонцето да се покрие со сито и дека оваа партија го инсталирала најдемократскиот принцип во партиските изборни процеси – „еден член еден глас“.
„Ги повикуваме регистрираните членови на Демократската унија за интеграција да не станат плен на вакви провокации и да продолжат да работат за непречено одвивање на изборниот процес“, велат од ДУИ.
„Огнените“ не отстапуваат и велат дека ваквиот пристап на внатрешните избори во ДУИ, но и реакцијата на партијата, може да има епилог како во кумановскиот огранок со „убиен, ранет и затворен“.
„Повторуваме дека принципот еден член-еден глас е нестатутарен, односно го гази статутот на партијата со две нозе. И за иронија на целава оваа ситуација каде што секојдневно се труби за демократијата и демократските вредности, во реалноста гледаме дека претседателите на ограноците априори ги одредува претседателот Али Ахмети со декрет“, пишуваат од фракцијата.