Неодамна е објавена новата книга со авторски бајки „Девојчето Кактус“ од Христо Петрески. Овој автор и е познат на пошироката јавност по своите книги со авторски бајки, од кои книгата Златното јаболко е лектира за петто одделение во основното образование.
Сега, писателот Петрески, кој мошне ревносно и посветено создава нови авторски бајки, се претставува со книгата „Девојчето Кактус“ во која се застапени вкупно 26 авторски бајки. Тоа се бајките: Љубопитната планина, Бисерна школка, Крилестиот коњ, Самоникнатиот цвет, Мојот свет, Ранетиот којот, Предобрата баба, Селото Ќукш, Приказна за пчелите, Семка, Дивото куче Вид, Медена куќа, Невиденото и недопреното, Калуѓерот и петелот, Патот на бананите, Мудриот селанец, Две риби, Камен, Прстенуваниот врабец, Комарград, Градинарот, Девојчето Кактус, Најслаткиот ручек, Египетска ѕвезда, Виножито и Вода.
Во сите нив, како што и самите наслови упатуваат, а може да се забележи и од содржините во нив, се опфатени бројни теми и мотиви. Притоа, преовладува светот на фантазијата и имагинацијата, односно како што вели самиот автор – невиденото и недопреното.
Преку контрасти и спротивности најдобро се изразува тоа што е правилно, па младите читатели лесно и брзо и самите можат да извлечат заклучоци. Реалниот свет, но и светот од фантазијата и имагинацијата, се допираат, судираат, проткајуваат и надополнуваат.
Инаку, оваа книга е петта книга со авторски бајки од писателот Христо Петрески, кој и докторираше на темата „Авторска бајка – компаративна анализа“.