Утрински Весник
Свет

Нов пожар избувна во Лос Анџелес, овојпат во Холивуд Хилс

20250109062841 Big 730x400 79.webp.webp

Нов шумски пожар избувна во Лос Анџелес, овојпат во населбата Холивуд Хилс, изјави на прес-конференција шефицата на противпожарната служба на ЛА, Кристин Кроули. Тоа значи дека бројот на пожари активни во градот е зголемен на шест.

Според Кроули, пламенот синоќа се проширил на околу 4 хектари во областа Холивуд Хилс, што предизвикало евакуација на целата област што е на стотина метри од познатиот Холивуд булевар.


Ситуацијата и понатаму е најтешка во Пацифик Палисадес, сместено меѓу ридови со прекрасен поглед на океанот. Тоа е една од најскапите урбани области во САД – типичен дом таму се проценува дека чини 3,7 милиони долари . Само четири други американски станбени области се поскапи од таа населба.

Таму живеат многу филмски, телевизиски и музички ѕвезди, како Џејми Ли Кертис, Менди Мур и Марк Хамил, кои мораа да ги напуштат своите домови.

Досега во пожарите што беснеат од вторникот загинаа најмалку пет лица, уништија над 1.500 објекти, а ги оптоварија ресурсите на противпожарната служба. Наспроти ова, на над 100.000 луѓе им беше наредено да се евакуираат.

„Немаме доволно пожарникари за да се справиме со пожарите“, изјави началникот на противпожарната служба во округот Лос Анџелес, Ентони Марони.

Во Калифорнија итно се испраќаат пожарникари од шест држави, а од Северна во Јужна Калифорнија се префрлени 250 противпожарни возила со 1.000 лица.

Недостигот на вода предизвика сушење на некои противпожарни хидранти во Пацифик Палисадес.

„Го оптоваривме системот до крај. Се бориме со шумски пожар користејќи го градскиот водовод и ова е огромен предизвик“, рече Јанис Кенонис, шеф на локалната управа за вода и електрична енергија, на прес-конференција.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом прогласи вонредна состојба, а претседателот на САД, Џо Бајден ја прогласи Калифорнија за област со природна катастрофа.

„Ќе направиме се што можеме онолку долго колку што е потребно за да ги ставиме овие пожари под контрола и вие да се вратите во вашиот нормален живот“, рече Бајден. „Патот пред нас е многу долг, ќе треба време.

Локалните жители ја споредија сцената во Лос Анџелес како во воена зона, јавија локалните медиуми.

Според противпожарната служба, во моментов ниту еден од пожарите, кои практично го опколиле градот, не е ставен под контрола.

Американскиот претседател Џо Бајден ја откажа претстојната посета на Италија поради ситуацијата со шумските пожари што беснеат во областа на Лос Анџелес, чии пламени изгореа стотици домови, а илјадници се принудени да се евакуираат.

„Претседателот Бајден одлучи да ја откаже претстојната посета на Италија со цел целосно да се посвети во следните денови на водење на федералниот одговор (за справување со кризата)“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.

Распоредот на Бајден предвидуваше тој да ја посети Италија од денеска до недела, што најверојатно ќе биде негова последна посета во странство како претседател.

Бајден планираше за утре и нова аудиенција кај папата Франциско во Ватикан.

Можете да прочитате

Во пожарите во Малибу изгоре и куќата на Хантер Бајден

Неексплодирна бомба до мостот во Дрезден беше причина за евакуација на 10 000 граѓани

Бајден ја откажа посетата на Италија поради пожарите во Калифорнија