
Македонската економија се соочува со сериозен недостиг на работна сила, што веќе претставува закана за функционирањето и опстанокот на домашните компании. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk изјави дека увозот на странски работници станува неопходност за одржување на приватниот сектор и економскиот раст.
Според анализите на Министерството, македонското стопанство има капацитет и потреба да апсорбира помеѓу 40.000 и 50.000 работници годишно, објави 4news.mk, додека за оваа година се планира увоз на околу 10.000 работници од странство.
Николоски предупреди дека голем број компании веќе размислуваат за намалување на активностите или целосно затворање поради недостигот на кадар.
„Имаме ситуација каде голем број компании размислуваат за намалување на активностите или целосно затворање затоа што не можат да обезбедат работници. Мојот пристап е позитивен – подобро е во една средна компанија каде работат 100 наши луѓе, да увеземе дополнителни 20 работници и да имаме 120 среќни семејства, отколку да не увеземе никого и сите 100 домашни работници да останат на улица бидејќи капацитетот се затворил,“ изјави Николоски.
Министерот истакна дека ваквиот модел одамна го применуваат и најразвиените економии во светот со цел да го задржат економскиот раст и да ги одржат производствените капацитети.
Тој додаде дека Владата паралелно работи и на политики за враќање на македонската дијаспора, но дека состојбата на пазарот на труд бара итни и практични решенија.
Воедно, Николоски посочи дека стапката на невработеност во земјава континуирано опаѓа и се очекува да достигне историски ниско ниво од 6 до 7 проценти, вклучително и земјоделскиот сектор. Според него, токму оваа состојба дополнително го потврдува сериозниот недостиг на работна рака, кој мора да биде надополнет за да продолжи реализацијата на големите инфраструктурни проекти и економскиот развој на државата.


