
Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со учебниците, најпрво го истакна она што и не е нејзина заслуга, дека поплаките за квалитетот или да недостасуваат страници во учебниците нема од прво до трето одделение. Тоа е вистина, затоа што овие ученици секоја година добиваат нов комплет учебници, уште од воведувањето на новата програма пред шест години.
„Во четврто одделение навистина има проблем со учебникот по математика, за што Министерството за образование и наука ќе се обиде да го реши, колкушто може да им дозволи законот. Во петто одделение имаат нов учебник по Историја и општество, во шесто одделение имаат нов учебник по Историја (и овој беше повлечен само што излезе и служеше за историја и за географија – во него беа грешките од типот дека Монт Еверест е висок 29.000 метри и дека на исток од Македонија е Албанија). Седмо одделение цела генерација добиваат комплетно нови учебници по сите предмети (затоа што оваа генерација деца учат по новата програма изработена од тимот на Јаневска). Осмо одделение предизвик е учебникот по историја. Учебникот по историја одобрен од минатите влади е повлечен 2018–2019 година од МНР поради барањето на мешовитата Комисија бугарско-македонска. Зошто пет години никој од претходните министри не презел нешто, во правец за учебникот за осмо одделение не можам да кажам, ќе мора да ги прашате нив,“ изјави Јаневска.
На денешната прес-конференција во МОН, каде се презентираше нов Водич за воведување вештачка интелигенција, Јаневска призна дека, сепак, учебник за секое дете, не успеа да овозможи ниту оваа влада.
Вчера и опозициската СДСМ реагираше за недостиг на учебници, а ВМРО-ДПМНЕ остро врати дека лажеле.
„Иако Јаневска и ВМРО-ДПМНЕ ветуваа дека сите деца ќе имаат нови учебници, вистината е поразителна, Мицкоски и Јаневска излажаа. Недостасуваат многу учебници, учениците воопшто немаат учебници за голем број предмети, а и тие што ги има се искинати, распарталени или половични. Нема учебник по математика за 8 мо одделение, во голем дел на училиштата се поделени само дел, некои деца добија некои не, мора да ги делат. Историја учебник за 8 мо исто така нема, па на Вибер е споделен електронски учебникот за да си го принтаат родителите. Фалат учебници и по хемија и физика, нема учебници ниту по странски јазици, а состојбата во стручните училишта е уште полоша.
Ниту во средните училишта нема учебници, особено за прва година. Речиси по сите стручни предмети нема учебници – управно процесно, правно и државно уредување. Учебници има само од прво до трето одделение, а за останатите ученици е тотален хаос. За четврто и петто одделение речиси и да нема учебници,“ соопштија од СДСМ.
„Наместо небулозни тврдења и празни критики за реализираното, да ги потсетиме СДС дека четворица нивни министри не успеаја да обезбедат нови учебници ниту да го подобрат електронскиот дневник.
Денес, за разлика од минатото и владеењето на СДС, учебници има за сите ученици. Испечатени се претходно одобрените учебници по сите предмети, новите за седмо одделение и за прва година во гимназиите, но и новите по странските јазици, по кои недостасуваа седум години,“ одговорија вчера од ВМРО-ДПМНЕ.