Не сум министер по по инфраструктура, но проблемот со паркингот мора да се реши. Вака министерот за здравство, Фатмир Меџити одговори на прашање за изнаоѓање решение со хаосот на паркингот пред Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Вели дека нема да се прави подземна, туку катна гаража, а прашан каде е проблемот и дали има сопка од други институции или тендери се во прашање, министерот ја посочи бирократијата и зборуваше за префрлање на проблемите од институција во институција.
„Замислете се отворила една дупка кај Максофасцијална. Се јавувам не знаат кој е одговорен, се јавуваме во Општина Центар викаат не сме одговорни, се јавуваме во Град Скопје викаат не сме одговорни. Се јавуваме ваму се јавуваме таму. Велам: ‘Aло ќе падне некој ќе се скрши, тогаш што правиме кој ќе одговара за тоа, јас ли ќе бидам одговорен?’. Пратив луѓе, најдов начин тоа некако да го закрпиме, знаете тоа е нашата мила држава. Ние имавме тогаш еден идеен проект, направивме физибилити, другите процедури ги знаете подобро од мене како течат“, рече Меџити.
Појасни дека паркингот кај Клинички повеќе не е во надлежност на Градски паркинг, а не се знае дали со него ќе стопанусуваат заеднички служби или приватни.
„Не знаеме за тоа, ќе видиме кој ќе даде најдобри услови најбрзо да се гради за пациентите. Знаете што, во овој случај мене ми е битна брзината и квалитетот. Значи да биде брзо и квалитетно изградено. Катни гаражи кои ќе бидат монтажни, за да можат пациентите да се паркираат и да не го имаме тој хаос што стварно не го заслужуваме, ни како граѓани, ни како пациенти ни како држава“, додаде министерот.