
Режисерката Тамара Котевска смета дека една од најважните задачи за иднината на Македонија е повторно да се изгради чувството на заедништво, меѓусебна поддршка и тимска работа, но и да се создаде поголема доверба во домашните автори и нивните идеи.
Во специјалното „Отворено студио“ на 4ТВ, посветено на 35 години од независноста на Македонија, Котевска оцени дека македонското општество со текот на годините станало сè поиндивидуалистичко, а луѓето сè почесто се принудени да се фокусираат на сопственото преживување и снаоѓање.
„Би рекла повеќе да го вратиме духот на заедницата, бидејќи е доста изгубен. Таа верба во заедницата и во заедничката поддршка и тимската работа е изгубена“, порача Котевска.
Според неа, и покрај ваквите општествени промени, Македонија сè уште има силен потенцијал за заедничко дејствување и постигнување големи резултати кога луѓето се обединети околу иста идеја или цел.
„Мислам дека сме силна заедница како земја и посебно имаме голем потенцијал да направиме нешто како заедница, го носиме тој дух во себе“, рече режисерката.
Котевска во гостувањето се осврна и на положбата на жените во македонската филмска индустрија, оценувајќи дека во изминатата деценија се случиле значајни позитивни промени.
Таа посочи дека во периодот кога студирала предрасудите кон жените во филмот биле многу поизразени, додека денес во Македонија има голем број режисерки и авторки кои успешно создаваат и се афирмираат.
„Во времето кога студирав, предрасудите беа многу поголеми“, рече Котевска.
Според неа, македонската филмска сцена денес во голема мера ги следи светските тенденции кога станува збор за положбата и поддршката на жените автори. Сепак, предизвиците не се целосно надминати.
Котевска смета дека еден од најголемите проблеми денес е финансиската поддршка, но и недостигот од доверба во авторите во почетните фази од развојот на нивните проекти.
„Проблемот е повеќе од финансиска природа, од немање доволна доверба во рана фаза на проектите кои подоцна се покажуваат како сериозно успешни“, истакна таа.
Нејзината порака е дека домашните автори, без разлика дали станува збор за млади режисерки или режисери, треба да добијат поголема доверба и можност нивните идеи да се развијат.
За Котевска, токму довербата, заедништвото и меѓусебната поддршка се вредности што можат да бидат важен двигател за идниот развој на македонското општество.


