Утрински Весник
Економија

НБРМ: Клубот на истражувачите на Народната банка ја одржа својата 48. сесија: презентиран трудот што ја доби годишната награда

НБРМ: Клубот на истражувачите на Народната банка ја одржа својата 48. сесија: презентиран трудот што ја доби годишната награда
Dik 300x250 mk

Клубот на истражувачите на Народната банка ја одржа својата 48 сесија. На сесијата, којашто се одржа виртуелно овојпат, учесниците имаа можност да ја проследат презентацијата на трудот награден со Годишната награда за млади истражувачи на Народната банка, под наслов „Поврат на акции, ризик и карактеристики на претпријатијата на пазарите во развој: Емпириски докази од Македонската берза“ од Александра Данева.

dobivaj vesti na viber

Сесијата ја отвори вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска. Таа посочи дека Народната банка преку поголем број активности и иницијативи дава поддршка и ја стимулира креативната научноистражувачка работа од областа на економијата и финансиите. Една од тие алатки е Годишната награда за млади истражувачи, којашто оваа година ѝ беше доделена на Александра Данева, авторка на трудот што беше презентиран на 48. сесија на Клубот на истражувачите. Трудот се одликува со конзистентност на тезите и истражува релевантна област којашто се однесува на испитувањето на карактеристиките на фирмите коишто влијаат врз приносите на акциите со кои се тргува и моделирањето индекс на променливост за Македонската берза.

Данева посочи дека овој труд истражува кои карактеристики на фирмите влијаат врз повратот од акции и го пресликуваат индексот на нестабилност на Македонската берза, којашто е во подем. Покрај тоа, повратот на индекс и карактеристиките на фирмите се споредуваат со една развиена земја како што е Словенија, за да се види дали пазарите во земјите во подем значително се разликуваат од веќе развиените. Анализата на овој труд е поделена на три дела и се заснова на податоци во периодот од 2017 до 2021 година.

Клубот на истражувачите е отворена платформа за презентација и разгледување научно-истражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели. Зачленувањето во Клубот е од отворен карактер и може да се направи преку барање за членство на следнава електронска адреса: [email protected]. Членовите на Клубот добиваат редовни известувања за сесиите и активностите на Клубот на истражувачите.

Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за поднесување труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. Следната сесија ќе се одржи во декември годинава.

Можете да прочитате

Просечната нето плата во август 45 310 денари

УЈП направи техничка надградба на нејзините електронски системи

Мицкоски: Потпишавме Меморандум за разбирање со „Бурсток“, која ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари