Утрински Весник
Свет

НАТО воспоставува мисија која ќе и помогне и ќе ја оспособи Украина

Stoltenberg4.jpg

Министрите за одбрана на НАТО денеска ќе се сретнат во Брисел на вториот ден од разговорите за официјализирање на поддршката на трансатлантската алијанса за Украина.

Земјите на НАТО досега ја координираа поддршката за Украина преку неформалната Контакт група за одбрана на Украина, предводена од САД. Сега членките разговараат за начините за префрлање на оваа одговорност на формалните структури на НАТО.

Се очекува министрите да го одобрат планот за мисијата наречена „НАТО безбедносна помош и обука за Украина“ (НСАТУ), која веќе е одобрена на пониско ниво, изјавија за ДПА извори од Алијансата.

НСАТУ за првпат ќе ја надгледува официјалната координација на НАТО за воената помош за Украина. Покрај тоа, „ќе работиме на тоа како дополнително да ги зајакнеме нашите одбранбени способности“, изјави, за новинарите во четвртокот, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Министрите ќе разговараат за новата посветеност на одбранбената индустрија за зголемување на военото производство и зајакнување на долгорочната соработка со индустријата“, рече генералниот секретар.

Денешните разговори се последна средба на министрите на НАТО пред лидерскиот самит што треба да се одржи во Вашингтон во јули. Таму, Столтенберг сака земјите од НАТО да се договорат за план за долгорочно одржување на сегашното ниво на поддршка за Украина, кое тој го проценува на 40 милијарди евра годишно. Товарот ќе биде поделен врз основа на БДП на земјите од НАТО, при што САД ќе придонесат со 50 отсто, рече Столтенберг во четвртокот.

Сегашниот договор на НСАТУ не вклучува никакви конкретни финансиски обврски, но предвидува заедничката помош барем да биде координирана од НАТО.

Можете да прочитате

Сијарто: Ќе отвориме нови поглавја од преговорите со Србија

Масовна тепачка во затвор во Грција – најмалку едно лице убиено

Марк Руте и официјално нов генерален секретар на НАТО, Столтенберг заминува од чело на Алијансата по 10 години