
Наместо да се преполнуваат гробиштата со храна, да се нахрани некој што навистина е гладен. Со овој јасен и емотивен апел, протојерејот Добрица Јанев ги повикува верниците да ја преиспитаат долгогодишната навика на раздавање по гробиштата. Тој вели дека храната таму не им користи ниту на покојните, ниту на живите, напротив создава неред. Подоцна се собираат кучиња, кои храната ја газат, јадат и ги поганат гробиштата. Наместо торби и јадења, тој повикува на молитва и човечност. „Помалку по гробиштата, повеќе за сиромашните“- е пораката која, според Јанев, е вистинската смисла на верата.
,,Со текот на времето нашиот народ сакајќи или не, го има тоа малку претерано. Носиме разноразни јадења по гробиштата, а тоа не е потребно. Доволно е да му дадеме, бидејќи сите знаеме дека кај нас во околината кај што живееме има некој семејства, луѓе сиромашни. Подобро ќе биде на нив да купиме храна а два или три дена, колку што мислиме, отколку да раздавме и оставеме по гробиштата, па потоа кучиња газат, јадат и ги поганат гробиштата. Апелирам до нашите верници, во ред е да се раздаде, ама да биде колку што е можно помалку на гробиштата, а повеќе да раздадеме на оние на кои што им навистина треба. Молитва исто, која што е пропратен дел од целово ова.“, рече Јанев
Граѓаните на терен велат дека, вечерва ќе раздаваат само леб и локум, а со почит кон верата и починатите, на гробишта утре ќе понесат пченица и вино.
Со овој повик, Црквата потсетува дека вистинската почит кон покојните не се мери со трпеза, туку со делата на добрина. Да се спомнат мртвите со молитва, а да се помогне на живите , тоа е пораката што треба да се пренесе од секој гроб на секое срце. И можеби, токму така, ќе ја покажеме верата не со зборови, туку со дела.





 
					