За претстојната зима 2024/25, државните институции досега потрошиле 219 милиони денари (3.569.106 евра) само за набавка на сол и ризла за зимско одржување на улиците и патиштата, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Најголемиот дел од средствата се поврзани со договорите на Јавното претпријатие „Македонија пат“, кое има склучено три двегодишни договори за индустриска сол и ризла во вредност од 1,3 милиони евра годишно.
Сепак, за механизацијата за чистење снег и мраз сè уште не се завршени тендерите. Постапките за „ангажирање трети лица“ беа поништени минатата година и повторно распишани со краен рок за доставување понуди на 10 јануари оваа година.
Локалните власти со 2,3 милиони евра за зимско одржување
Локалната самоуправа досега има потрошено околу 2,3 милиони евра за зимско одржување, што опфаќа набавка на механизација, сол и ризла. Најголем тендер е оној на Град Скопје, кој годишно троши над половина милион евра за оваа намена. Поголеми издвојувања имаат и општините Битола (250 илјади евра), Кичево (134 илјади евра), Центар (116 илјади евра), Гази Баба (113 илјади евра), Гостивар (96 илјади евра) и Струга (92 илјади евра).
Во Скопје, покрај Град Скопје, зимско одржување ќе вршат и осум други општини, вклучувајќи ги Центар и Гази Баба, чијшто буџет за оваа намена надминува 100 илјади евра поединечно.
Големи договори за сол и механизација
Најголем договор има склучено фирмата „Лугос ЛЦ“ од Скопје за снабдување со индустриска сол во вредност од 2,3 милиони евра. Втора е „Нексос Инженеринг“ со договор од 1,05 милиони евра за специјализирани возила за зимско одржување во Скопје. Трета е „Анизор Драшко“ од Шишево, која има склучено договори со пет скопски општини во вредност од 342 илјади евра.
Ниска конкуренција на тендерите
ЦГК забележува дека конкуренцијата на тендерите е исклучително ниска, со просек од само 1,4 понуди по договор. На дури 71% од тендерите имало само една понуда, додека вистинска конкуренција со шест понуди имало само на еден тендер, и тоа за индустриска сол.
Ова истражување ги опфаќа сите тендери на централно и локално ниво за зимско одржување на улици и патишта за сезоната 2024/25, спроведени во текот на 2023 и 2024 година.