Утрински Весник
Македонија

„На се’ ќе дојде крај“ на Рајко Грлиќ вечерва ќе го затвори 9. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“

1729423891 1234.jpg

„На се’ ќе дојде крај” на Рајко Грлиќ вечерва ќе го затвори 9. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова”.

Филмот е копродукција меѓу Хрватска, Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Турција, Бугарија. 

Макс Пинтер е успешен адвокат од Загреб, кој успева да ги отфрли обвиненијата против неговиот клиент за двојно убиство, богатиот и моќен бизнисмен Динко Хорват. На прославата, Макс е пијан и му кажува на Динко дека ладнокрвно ги убил работниците, кои дошле да прашаат за своите плати. Соочувањето со еден од столбовите на општеството го прави Макс непожелна личност, тој ги губи својот партнер и клиентите, а неговата сопруга го напушта. Со својата девојка од универзитетските денови, Нина, започнува мисија за одмазда. Од друга страна, никој во оваа приказна не е целосно невин и сите се тесно поврзани.

Улогите ги толкуваат: Jелена Ѓокиќ, Живко Аночиќ, Борис Исаковиќ, Јанко Поповиќ Волариќ, Емир Хаџихафисбеговиќ, Ксенија Маринковиќ, Марина Реџеповиќ, Петре Арсовски.

На денешната прес конференција присуствуваа актерот Јанко Поповиќ Волариќ и продуцентката Елена Станишева, која проговори за копродукциската соработка и предизвиците со кои се соочуваат при снимањето филмови.

-Мене најомилен филм на Рајко Грлиќ ми е „Уставот на Република Хрватска” бидејќи ми е поблизок генерациски, а копродукцијата за овој филм „На се ќе дојде крај” ја почнавме преку Дејан Милошевски. Го прочитав сценариото, ми беше интригантно, станува збор за политички трилер, има пецкава нота и веднаш прифатив. Станува збор за регионална копродукција и ние бевме последното парче од сложувалката и филмот влезе во продукција во септември 2023 година, рече Станишевска.

Интересно е што Анте Томиќ и Рајко Грлиќ направиле една современа драма политички трилер според  романот на Мирослав Крлежа „На работ на умот” . Тој бил всушност претекст за филмот „На се ќе му дојде крај”. Ликовите се доста добро дефинирани и интересни.

-Рајко неколку пати ме повика да соработуваме. Израснав со неговите филмови и ми е драго што тој се држи до градот, до тој некој граѓански слој кој сега веќе е сокриен. Кога го гледав во кино „Устав на Република Хрватска” на проекцијата сретнав луѓе за кои не знаев дека се уште живеат во градот. Тое се негои фини луѓе од различни генерации кои повеќе не излегуваат ниту на претстави, ниту на концерти. Од една страна тоа за мене е тажно, но и среќен сум што тие луѓе постојат. И многу ми е драго што постои Рајко на чии филмови може да го видиш граѓанството. И кога ме повика на аудиција, меѓу две сцени седнавме на кафе и разговаравме со Живо Аночиќ, а Рајко тајно не прислушкувал што зборуваме и ни рече: Е ова го сакам!. Така двајцата ги добивме улогите. Улогата е прекрасна, Рајко ми дозволи да внесам некои мои ситници, убаво е со него да се соработува, ги сака актерите, убаво ги води и им дава слобода, раскажа Поповиќ Волариќ.

Рајко Грлиќ е роден 1947 година во Загреб. Тој е еден од најзначајните режисери во поранешна Југославија. По распадот на истата живее на релација Хрвaтска – Америка. Во новиот милениум продолжи да снима провокативни филмови, а меѓу позначајните кои се закитиле со фестивалски награди се: „Караула” (2006), „Нека остане меѓу нас” (2010) и „Устав на Република Хрватска” (2016).

За наградите кои вечерва ќе бидат соопштени одлучува жирито во состав: Јани Бојаџи претседател, Асимина Проедру и Дорина Оарга, членови.

Јани Бојаџи e режисер, сценарист и продуцент, роден во 1970 година во Струмица каде што завршува средно образование, дипломира и магистрира режија за филм и телевизија на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, докторира на режија за филм и телевизија на Универзитетот „Неофит Рилски” во Бугарија. Вонреден професор е по режија за филм и телевизија на Универзитетот „Еуропа Прима” во Скопје.

Јани Бојаџи е режисер на повеќе успешни кратки играни филмови. Toj има продуцирано и режирано бројни телевизиски серии кои привлекоа силно внимание во македонската телевизиска јавност, а неговиот прв долгометражен игран филм РУГАЊЕ СО ХРИСТОС постигна светски успех, добивајќи ја наградата за особен уметнички израз на познатиот филмски фестивал во Монтреал.

Тој e и голем поддржувач на независната филмска сцена во Северна Македонија поддржувајќи многу млади автори во нивните филмски кариери. Неговиот последен долгометражен игран филм КИНО ЉУБОВ е дел од таа македонска независна филмска сцена. Моментално работи на неговиот најнов игран филмски проект.

Асимина Проедру е сценарист-режисер која живее и работи во Хеленската република. Нејзиниот краток филм, RED HULK (2013), беше прикажан во официјалната програма на МФФ Клермон-Феран и освои седум меѓународни награди. Нејзиниот деби филм, BEHIND THE HAYSTACKS / ЗАД СТОГОВИТЕ СЕНО(2022) беше грчки КАНДИДАТ ЗА ОСКАР на 96-тото издание. Овој нејзин филм е одбран помеѓу 40 најдобри филмови на Европските филмски награди и освои 10 награди на Грчката Филмска Академија (вклучувајќи ја и наградата за најдобар филм). Филмот, меѓу другото, освои шест награди на Меѓународниот Филмски Фестивал во Солун и наградата за најдобар дебитантски филм на МФФ Гоа во Индија, а беше дел и од  повеќе други светски филмски фестивали, вклучувајќи го и Палм Спрингс. Нејзиниот втор долгометражен проект HYSTÉRA ја освои наградата за развој на Црна Гора на CineLink Сараево и беше избран за наградата COPROCITY која ќе биде доделена во рамките на Les Arc IFF.

Дорина Оарга работи во филмската индустрија повеќе од 15 години, со долгогодишно искуство во раководење со проекти, како во Романија, така и на меѓународно ниво. Престојува во Букурешт, но во душата е авантурист; Дорина е долгогодишен соработник на Меѓународниот филмски фестивал во Трансилванија (Клуж-Напока, Романија / од 2008 година до денес), каде што неколку години раководеше со идустри секцијата. Во 2019 година, заедно со фестивалот, тие започнаа реализација на TIFF Unlimited, платформа за VoD преку целата година, посветена на доближување на уметничките филмови до локалната публика.

Привлечена од индустријата за стриминг, Дорина беше одговорна и за создавањето на CINEPUB (во 2015 година), услуга за онлајн видео стриминг започната во партнерство со Google, прикажувана и на YouTube, а посветена на романските филмови. За неа беше сосема природно да се приклучи на тимот на Европскиот филмски клуб, дел од Европската филмска академија во 2022 година.

Нејзината љубов кон патувањето и желбата секогаш да се усовршува како професионалец, ја донесоа до неколку големи проекти, кои и донесоа нови предизвици и награди: Европски филмски награди и SOFA – School of Film Advancement (и двете лоцирани во Берлин, Германија), Eventival (Чешка ), Работилница Аристотел (Романија), Филмски фестивал во Доха Трибека (Катар), МФВ во Вилнус „Кино Павасарис” (Литванија) и Филмски фестивал Аррас (Франција).

Можете да прочитате

ОД УТРЕ (НЕДЕЛА) ДОАЃА УШТЕ ПОСТУДЕН БРАН: Температурите паѓаат за 8 степени, следната седмица локален дожд, и снег на планините!

Барале пари за да дадат информации – нови детали за исчезнатата Лидија

Пуштен е во употреба хидросистемот „Ѓавото“ кој го полни Дојранско езеро