Недостаток на политичко лидерство во земји како Германија и Франција и тесните индустриски интереси ја спречуваат Европа да ја зајакне својата одбранбена индустрија, факт што беше нагласен со војната на Русија против Украина, се предупредува во извештајот од Минхенската безбедносна конференција.
Клучниот недостиг во капацитетите на европската одбрана сè уште е политичкото лидерство, се вели во Минхенскиот безбедносен извештај за европската одбрана. Годишната Минхенска безбедносна конференција, која вообичаено се одржува во февруари, е влијателен глобален собир на врвни политичари и аналитичари за да разговараат за одбранбените и безбедносните предизвици.
Во извештајот се вели дека Германија и Франција биле пасивни кога претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и највисокиот дипломат на ЕУ Жозеп Борел извршиле притисок за поддршка од ЕУ за Киев.
„За време на владата на канцеларот Олаф Шолц, Германија постојано беше критикувана за нејзиното отсуство во прашањата за одбраната на ЕУ, додека Франција се смета за земја која следи тесни индустриски, а не колективни европски интереси“, се наведува во извештајот.
Првичната неодлучност на Германија и Франција да испорачаат оружје на Украина, предизвика трајна штета на нивниот кредибилитет во Источна Европа и заедничките одбранбени иницијативи. Германија и Франција имаат одговорност да ја вратат довербата, се посочува во извештајот и се додава дека времето е од суштинско значење за зајакнување на одбранбената соработка.