Утрински Весник
Магазин

На докторот подложен на експериментална терапија не му се враќа туморот на мозокот

Mozaktumori2.png

Австралискиот лекар Ричард Сколиер, кој на почетокот на годината се подложи на експериментална терапија за глиобластом, најагресивниот тумор на мозокот, денеска објави дека магнетната резонанца покажува дека туморот не му се враќа.

Сколиер е меѓу најпочитуваните лекари во Австралија и оваа година беше прогласен за „Австралиец на годината“ за неговата работа на лекување на малигни тумори заедно со неговата колешка Џорџина Лонг, пренесува Би-би-си.

Нивното истражување на Институтот за меланом за имунотерапија, кое го користи имунолошкиот систем на телото за да ги нападне клетките на ракот, драматично ги подобри резултатите од лекувањето за пациентите со рак ширум светот во текот на изминатата деценија, зголемувајќи ја стапката на излекување од 10 проценти на 50 проценти.

Лонг и нејзиниот тим откриле дека имунотерапијата подобро делува кога се користи одредена комбинација на лекови и кога тие се даваат на пациентот пред операцијата, а тоа е методот на лекување на кој Сколиер бил првиот во светот кој се подложил.

Тој е и првиот човек што примил вакцина која е прилагодена на карактеристиките на неговиот тумор, со што го зајакнува ефектот на другите лекови.

По неколкумесечни епилептични напади, проблеми со црниот дроб и пневмонија, Сколиер вели дека се чувствува подобро.

„Тоа секако не значи дека мојот рак е излечен, но убаво е да се знае дека се уште не се вратил, па се уште имам време да уживам во животот со сопругата Кети и трите прекрасни деца“, објасни Сколиер.

Лонг истакна дека им претстои уште долг пат пред да развијат одобрена терапија.

„Сè уште не сме стигнале таму. Треба навистина да се фокусираме на тоа да покажеме дека овој предоперативен пристап со комбинирана имунотерапија делува кај голем број луѓе“, рече Лонг.

Можете да прочитате

Овие пијалоци келнерите никогаш не ги нарачуваат

Еве со какви измами се служат продавачите на дрва – имаат разработена шема

Едноставно слабеење: Чаша вода со лажица чија семе 30 минути пред оброк