Утрински Весник
Македонија

МЗ за починатото тригодишно дете: Комисијата констатирала дека сите постапки биле навремено и уредно извршени во болницата во Кавадарци

Ministerstvo za zdravstvo 1 1.jpg

По направениот стручен надзор во болницата во Кавадарци, комисија констатирала дека сите постапки биле навремено и уредно извршени. Вака одговараат од Министерството за здравство (МЗ), на прашање од МИА, за наодите во извештајот во врска со починатото тригодишно дете, на Комисијата за стручен надзор формирана од МЗ. Комисијата извршила надзор во болницата во Кавадарци, на 10 јуни.

Претходно, на 6 јуни, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), одговорија за МИА дека при инспекциските надзори не биле констатирани недостатоци од нивна надлежност, во врска со починатото дете од Кавадарци.


– Имајќи во предвид дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема надлежности во стручниот дел на работата на здравствените работници, ДСЗИ согласно член 296 од Законот за здравствена заштита, ќе поднесе иницијатива до министерот за здравство, за формирање на комисија за стручен надзор – рекоа тогаш од ДСЗИ.

Притоа појаснија дека по објавена информација за починато тригодишно дете од Кавадарци, Државниот санитарен и здравствен инспекторат на петти јуни извршил вонредни инспекциски надзори во три здравствени установи, со цел да се следи патот на лекување на детето. Извршени биле надзори во ПЗУ Ординација по општа медицина Целзус Нова во Кавадарци, во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци и во ЈЗУ УК за детски болести Скопје.

При вонредните инспекциски надзори, од увидот во здравствената евиденција и медицинска документација за детето, како и изјави на здравствените работници кои учествувале во лекувањето, констатирана била фактичка состојба. Од ДСЗИ рекоа дека се работи за тригодишно дете од Кавадарци, родено во јануари 2021 година. Детето било со неколку коморбидитети, поради што во повеќе наврати било лекувано во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци и ЈЗУ УК за детски болести Скопје. На 3 јуни во пет часот, детето било донесено во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци од страна на неговите родители, прегледано од дежурен доктор, специјалист по детски болести, кој врз основа на прегледот и испитаните параметри, проценил дека нема потреба од хоспитализација. На инсистирање на родителите, бил издаден упат за ЈЗУ УК за детски болести Скопје, каде детето било однесено со сопствен превоз.

-Според изјавата на присутните здравствени работници во ЈЗУ УК за детски болести, детето било донесено во раните утрински часови околу осум часот директно на Оддел за кардиологија, без знаци на живот. Веднаш било однесено во Оддел за интензивна нега и реанимација, но детето не покажувало знаци за живот – утврдиле од Инспекторатот.

На 4 јуни, во изјава за МИА, родителите на детето ги повикаа надлежните во државата, да испитаат можна лекарска грешка во врска со неговата смрт.

Можете да прочитате

АД ЕСМ: При испадот на Блок 2 од мрежата, извесно е дека ни се случи саботажа

СДСМ: ОЈО да отвори постапка, РЕК Битола е во колапс поради криминалните зделки на ВМРО ДПМНЕ

Патот од Подмоље до Охрид од вечерва ќе се пушти за сообраќај