Во текот на септември и октомври се реализираа 11 изведби на проектот The Waste Land на Амстердам Синфониета.
Овој музичко балетски перформанс е инспириран од една од најпознатите поетски творби на 20 век „Пуста земја“ (The Waste Land) од Т.С. Елиот. Освен од Кирил Џајковски, во овој проект се користеше музика и од Стравински, Лејг, Берг, Најман.
Проектот кој во холандските медиуми беше опишан како прекрасна фузија од музика, поезија и танц беше одлично примен и посетен од холандската публика во Амстердам, Ротердам, Утрехт, Тилбург и останатите градови во кои се реализираше оваа турнеја.
![]()
„По неверојатната турнеја, на следниот линк може да ги погледнете еден од највпечатливите моменти на овој перформанс, изведбата на Brothel Tango од Кирил Џајковски“- изјавија од Амстердам Синфониета.
Овој проект е уште едно продолжување на активностите на Џајковски поврзани со театарска и филмска музика. Пред неколку месеци работеше на музиката за последниот проект на Александар Поповски „Хероини“ кој беше поставен во Љубљанскиот градски театар, а во текот на идниот месец своја фестивалска премиера ќе има и словачкиот филм „Piargy”, кој го режираше Иво Трајков, а за кој музиката ја напиша Џајковски.
Во ноември и музиката од филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски за првпат ќе има официјално дигитално издание на сите светски дигитални музички сервиси.


