Утрински Весник
Македонија

Муслиу- Председателката попушти пред политичките притисоци. Заборави на Законот за кој постојано зборува

Photo.jpg

Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова денеска ме разреши од функцијата директор на Агенцијата за разузнавање.

Без да навлегувам во политичката логика и автономија при одлучувањето за моето разрешување, очигледно е дека претседателката попушти пред партиските притисоци. Законската оправданост и мерит системот за кој цело време зборува претседателката, за жал во случајот со моето разрешување , отсуствуваат.

Посебно сум разочаран од постапката и начинот кој го избра при моето разрешување, не покажувајќи доблест да се сретнеме на прва информативна средба на која би добила брифинг за природата на работата на Агенцијата и за безбедносното опкружување и актуелната состојба во регионот.

Со гордост и посебна чест ја раководев Агенцијата во изминатиот период во кој вложив надчовечки напори да го подигнам нивото на квалитетна работа и да го пренесам професионалното искуство и знаење стекнато во мојата 31 годишна кариера.

Честа е уште поголема и заради фактот што јас сум првиот албанец во историјата на безбедносно-разузнавачката заедница во нашата држава на кого во 2019 година му беше доверена задача да ја предводи АР. Иако цело време бев изложен на гнасна дезинформациска кампања која доби размери на политички линч кој остави и последици врз моето семејство, сепак, разбивајќи ги табуата во нашето општество, докажав дека Албанец , притоа и без партиска припадност , може да постигне високо ниво, да биде прифатен и почитуван во колективот, во национални и меѓународни рамки.

Пионер сум во идејата и достигнувањето највисоко ниво на родова застапеност и еднаквост како и на раководно ниво во АР, како и во делот на етничка рамноправност давајќи простор на сите од етничките заедници застапени во нашето општество да бидат дел од АР. Под мое лидерство го подигнавме нивото и ги надградуваме нашите технички капацитети во процесот на дигитализација , информатичка и кибер безбедност. Постигнавме фантастични достигнувања во стратешките зафаќања и оперативно-разузнавачките активности кои АР ги реализираше самостојно, како и на билатерално и на сојузничко ниво.

Искажувам огромна благодарност до целиот колектив во АР што во изминатиот, навистина динамичен и полн со предизвици , период ми дадоа безрезервна подршка во тешките зафаќања кои мораше да ги превземеме особено во периодот на ковид пандемијата, реформата на АР, активностите со отпочнувањето на Руската агресија на Украина,конфликтот во Газа и регионалната нестабилност во соседството.

На крај, на новата директорка на АР и посакувам успех во раководењето со Агенцијата, на останатите колеги им посакувам да бидат фокусирани на исполнување на визијата и мисијата на АР , да ја чуваат и бранат РСМ, не затоа што е голема или мала, туку затоа што таа е НАША!

Можете да прочитате

Лимани: До 2028 година 25 нови градинки

Вечерва почувствуван земјотрес во Македонија

Состојбата во земјата е стабилна и нема индиции за загрозеност на границите, констатира Советот за безбедност