
Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино изјави дека нема повторно да преговара за договорот со САД за пристап на американските трупи до објектите во земјата, и покрај протестите во земјата во кои се обвинува за загрозување на суверенитетот на земјата, јавија американските медиуми.
Илјадници Панамци во вторникот излегоа на улиците на главниот град во најголемиот протест досега против договорот потпишан минатиот месец за време на посетата на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет.
Еден ден подоцна, Амбасадата на САД издаде соопштение во кое се наведува дека договорот не дозволува воспоставување воени бази во Панама. Американското воено присуство во Панама е чувствително прашање, бидејќи луѓето сè уште се сеќаваат на американската инвазија во 1989 година, а американскиот претседател Доналд Трамп предложи САД да ја вратат контролата врз Панамскиот канал.
-Суверенитетот на Панама не е доведен во прашање, тој не е предаден, не е даден, рече Мулино за време на прес-конференција, инсистирајќи дека договорот нема да доведе до американски бази во Панама.
Локациите до кои американските трупи и изведувачи ќе имаат пристап секогаш ќе останат под контрола на Панама, а таа може да го раскине договорот со шестмесечно известување, соопшти владата.