Утрински Весник
Македонија

МНР утре ќе го повика бугарскиот амбасадор за фотографијата на Радев и Сиљановска Давкова

Mnr.jpg

Министерството за надворешни работи и надврешна трговија утре ќе го повика бугарскиот амбасадор во државава Желјаско Радуков за фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија.

-Во врска со најавата на претседателката Сиљановска Давкова информираме дека во текот на утрешниот ден во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на разговор ќе биде повикан Амбасадорот на Република Бугарија, изјавија за МИА од МНР.

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова вчера најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија иако, како што нагласуваат оттаму, ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен.

– Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, наведоа од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.

Воодушевена од настапот на Бугарската опера во Скопје со вагнеровата „Валкира“, македонската претседателка Гордана Сиљановска – Давкова, убедена во моќта на културната дипломатија, како што објаснија од нејзиниот Кабинет, вети дека ќе присуствува на настапот на Македонската опера во Софија со вердиевиот „Набуко“.

– За таа цел, на 13 септември ја посети Република Бугарија, придружувана од министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков. По тој повод, беше договорена тет-а-тет средба со претседателот на Република Бугарија, г-динот Румен Радев, ручек на македонските и бугарските претставници, како и заедничко присуство на операта „Набуко“, во изведба на Македонската опера и балет. За жал, трагичниот настан, односно авионската несреќа ги спречи претседателот и неговата сопруга да ѝ се придружат на претставата. Обајцата се извинија за спреченоста. Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот, посочуваат од нејзиниот Кабинет.

Можете да прочитате

Меџити: Коцкањето во последните години стана рак на општеството

Избувна пожар во подрумските простории од зградата на Општина Тетово – Изгоре складиран изборен материјал

Наскоро нов продолжен викенд – Уште колку неработни дена остануваат до крајот на годинава?