Од Младинскиот културен центар (МКЦ) не е возможно незаконски да се испумпуваат пари оти секоја исплата оди преку Град Скопје, а ревизијата на финансиското работење градоначалничката Данела Арсовска слободно можела да си ја направи од таму оти ја има истата документација како што ја има и институцијата, појасни денес програмскиот колегиум на МКЦ. Вработените на полчасовна прес-конференција одговорија на вчерашните обвинувања од градоначалничката. За плаќањето шанкери по 750 евра месечно велат дека е малициозно на таков начин да се потцени нивниот труд.
„Малициозни се изјавите со кои се потценува трудот на овие млади луѓе во градот, драгоцени, кои се уште се трудат да останат овде и чесно да си ја заработат својата дневница. Понекогаш работат и по 12 саати, и на фестивали, опслужуваат и по 1000 и 2000 луѓе. Навистина ми е жал да го потцениме нивниот труд и работните одговорности кои ги имаат во текот на работењето“, велат од програмскиот колегиум во МКЦ.
Тие уште еднаш посочија дека буџетот на институцијата е скратен наспроти тврдењата на градоначалничката дека нема кратење.
„До одржување на прес-конференцијата вчера, ние на располагање го имавме овој документ – а тоа е дневен ред на 22. седница на Совет на Град Скопје, каде што стои дека за 2023 година за програмата на МКЦ е предвидено да се доделат 4.500.000 денари. Од нив – 2.500.000 денари се за работата на градското кино Милениум, а за сите останати активности на МКЦ, каде што меѓу другото се и едни од најголемите национални фестивали: театарскиот „МОТ“, филмскиот „Синедејс“, и музичкиот „Здраво млади“, како и целата годишна музичка, драмска, ликовна, детска, литературна програма во 365 дена – севкупно 2.000.000 денари. За споредба, годишниот програмски буџет на МКЦ за јубилејната 2022 година лани беше 14,5 милиони денари, (не како што кажа градоначалничката 10,7 миолиони), кој веќе беше намален од 22.290.000 во 2021, или 34.280.000 во 2020, или 25.828.000 во 2019… Во меѓувреме, по прес-конференцијата вчера, се одржа седницата на Совет на Град Скопје, на која конечно се донесе буџетот за култура за 2023 година. И тогаш ни се постави дополнителна тежина и грижа на совест дека за да се дополнат плус 2.000.000 денари на МКЦ, се крати повторно од културата – од средствата на одделниот конкурс за независни корисници – кој и онака е можеби најнискиот буџет за таа намена. За жал, ни со овие дополнителни средства додадени на првично најавените 2.000.000 денари нема да можеме да реализираме ни дел од предвидената програма за 2023 година, а не пак да креираме и нова“, велат од МКЦ.
Програмскиот колегиум на МКЦ нагласи дека е точно тврдењето на градоначалничката дека институцијата има свои извори на средства, но објаснија дека со нив го покриваат сето она што Градот не може да им го обезбеди.
За обвинувањата дека биле лажни притисоците врз поранешниот директор за нови вработувања програмскиот колегиум најави дека тој посебно ќе се обрати и ќе ги искористи сите правни механизми за да ја објави вистината.
Градоначалничката Арсовска вчера јавно побара Богоев да се извини за изјавите дека врз него бил вршен притисок за вработувања во институцијата.