Утрински Весник
Македонија

Митровски: Двоен аршин во Кривичниот суд – милионер со куќен притвор, обичните граѓани зад решетки

Img 3151.jpeg

Адвокатот Јанаки Митровски преку објава на социјалните мрежи упати остра критика кон Одделението за претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, оценувајќи дека тоа ја изгубило својата уставна улога и функционира како продолжена рака на обвинителството, особено на Обвинителството за гонење организиран криминал.

Митровски наведува дека, според негово истражување изработено за стручен труд, во периодот 2020–2022 година дури 98,5 проценти од предлозите за притвор биле усвоени од судот. Предлозите за куќен притвор, како што посочува, се прифаќале без исклучок, што според него укажува на автоматизам во одлучувањето.

Тој потсетува дека и Законот и праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур налагаат притворот да се користи рестриктивно и како последна мерка, а не како правило. Како пример го наведува неодамнешното апсење на лица осомничени за организирање покер-турнири без лиценца, каде, според него, судот буквално ги препишал наводите на обвинителството, без да ги цени личните околности на осомничените – неосудуваност, семејна состојба и фактот дека станува збор за економски, ненасилен криминал.

Најголем револт кај Митровски, како што пишува, предизвикува двојниот аршин. Тој потсетува дека пред неколку месеци, во високопрофилиран предмет со осомничен милионер и штета од околу 200 милиони евра, истиот судија од истото одделение одредил куќен притвор со образложение дека за економски криминал не требало да се изрекува притвор.

„Кога осомничен е обичен граѓанин, тие критериуми не важат“, пишува Митровски, додавајќи дека судот безрезервно ги прифаќа аргументите на обвинителството, иако, според него, тие се спротивни на стандардите од Стразбур.

Адвокатот најавува дека за секоја идна повреда на правата, како граѓанин и даночен обврзник, ќе бара од Министерството за правда јавно да се побара регресна одговорност од судиите кои донеле незаконски одлуки.

„Доста е“, порачува Митровски, оценувајќи дека системот итно мора да се соочи со сопствената одговорност.

Можете да прочитате

Две лица уапсени на автопатот Табановце–Куманово: Запленета брендирана стока и алат без документација

УХМР: Максималната температура ќе биде над просекот

Определен притвор за Фехми Стафа