Утрински Весник
Балкан

Мистериозното исчезнување на девојка и млад човек во Србија. Тој е пронајден мртов, од неа нема трага

Tamara.jpg

Многу неодговорени прашања има во случајот со младиот исчезнат пар Тамара Новаков и Елвис Николиќ од српски Банат. Имено, сè започна уште на 19 октомври, кога и двајцата беа видени последен пат. Потоа заедно заминале во непознат правец и со денови не контактирале со семејствата. Иако на прв поглед може да се помисли дека се работи за двајца млади кои можеби сакале да избегаат или да патуваат, ситуацијата се искомплицирала кога стигнала веста дека Елвис Николиќ е пронајден мртов.

Од Тамара сè уште нема траги, а обдукцијата утврдила дека нејзиното момче починало како последица на давење. Како телото завршило во каналот се уште е мистерија која треба да ја расветли полицијата во Панчевац, додека семејството на Тамара се уште е загрижено не знаејќи што и се случило.

На 27 октомври телото на Елвис беше забележано во каналот Дунав – Тиса – Дунав, во градот Јаношик кај Алибунар и веднаш беше испратено на обдукција за да се утврдат причините и начинот на смртта, иако во првите моменти сите знаците укажувале дека младиот човек се удавил бидејќи на неговото тело не биле пронајдени знаци на напад.

Овие сомнежи ги потврди и Вишото јавно обвинителство Панчево, кое соопшти дека смртта настапила поради давење, а Елвис бил погребан три дена подоцна, на 30 октомври, на локалните гробишта во селото Локве.

За Тамара нема информации

За тоа време нема информации за Тамара Новаков. Во моментот на исчезнувањето девојката носела фармерки, бела маичка, зелена јакна и црни патики. Нејзиното семејство, паралелно со полициската потрага, се организирало и самото започнало со потрагата. Сепак, до ден денес не е познато што се случило со неа.

Се скарале и исчезнале

Саманта Новаков, сестра на исчезнатото девојче, проговори за тоа што му претходело на исчезнувањето на младиот пар.

„На 19 октомври беа кај нашата сестра Кристина, и таму се скараа. Елвис дури и удри две шлаканици на Тамара, а таа му врати. Од тогаш заедно излегоа од куќата и никој од нив не се јави повеќе“, изјави сестрата за белградските медиуми.

Таа објасни дека исчезнувањето веднаш го пријавиле во полиција и дека дополнително била загрижена бидејќи дотогаш никогаш не се случило Тамара едноставно да замине и да не контактира со семејството.

„Таа одеше кај нејзиното момче неколку дена, но секогаш се јавуваше и секогаш знаевме каде е. Меѓутоа, откако вечерта и двајцата излегоа од куќата на нашата сестра, откако се скараа и се удрија, никој од нас не знае повеќе ништо за нив, па решивме да го пријавиме нивното исчезнување во полиција“, рекла сестрата.

Неколку дена по исчезнувањето, семејството на Тамара ја добило страшната вест дека Елвис е пронајден мртов. Сепак, велат дека не губат надеж дека Тамара некаде е жива, пишува Нова.рс.

Можете да прочитате

Експлодира бојлер во стан во Нови Сад, маж пренесен во Институтот за белодробни заболувања

Протест пред обвинителството во Нови Сад: Граѓаните бараат ослободување на активистите

Teлохранителот на Милошевиќ тврди дека атентатот врз Глигоров бил поради тоа што тој сакал Македонија да се врати во Југославија