Утрински Весник
Македонија

Миноски: Без просветителство, народот станува лесен плен на манипулатори

Kiril minoski 24.jpg

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски преку објава на социјалните мрежи испрати силна порака за значењето на просветителството, знаењето и критичката мисла во современото општество.

Во својата објава, Миноски потсетува дека просветителството историски било поврзано со светлината како симбол на знаење кое го трансформира човекот и општеството. Тој наведува дека токму преку просветителските идеи Европа ги поставила темелите на модерните држави, а знаењето и образованието станале двигатели на општествениот развој.


Миноски се повикува на античките мислители, особено на Аристотел, како и на филозофот Емануел Кант и неговата позната порака „Осмели се да знаеш“, нагласувајќи дека човекот мора да размислува со своја глава и да излезе од „сопствената незрелост“.

Во објавата се споменуваат и македонските преродбеници, меѓу кои Димитар Миладинов, Ѓорѓија Пулевски, Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски, кои, како што наведува Миноски, верувале дека училиштето и знаењето се посилни од кое било оружје.

Тој предупредува дека во современи услови на огромен број информации и брзи технолошки промени, непросветлениот народ лесно станува жртва на манипулации, омраза, поделби и политички злоупотреби.

„Интелектуалецот не смее да биде слуга на моќта, туку коректив на општеството и носител на критичката мисла“, наведува Миноски, додавајќи дека молчењето заради привилегии, позиции или лични интереси долгорочно го разорува системот на вредности и ја ослабува државата.

Во завршницата од објавата, Миноски повикува на „нова просветителска дејност“ која ќе воспостави нов систем на вредности заснован врз знаење, компетентност, морал и принципиелност, со цел изградба на поправедно и подостоинствено општество.

Тој ја завршува пораката со цитат од Волтер: „Тиранијата најлесно владее таму каде што народот не мисли.“

Можете да прочитате

Трет ден продолжува  стабилизирањето на состојбата со гастроентеритис во Гостивар – бројот на нови прегледи намален за 41 отсто

Нова динамика во реформите со ЕУ како стратешки партнер

Работник тешко повреден при пад од зграда во Куманово