Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Во вторник ќе се знаат новите министри и ресорите во Владата

Miczkoski.jpg

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека во вторник следната недела ќе се одржи седница на Извршниот комитет на партијата, по која ќе бидат познати персоналните решенија и распределбата на ресорите во рамки на најавената реконструкција на Владата.

Мицкоски посочи дека реконструкцијата не се прави само врз основа на досегашните резултати на министрите, туку и поради промената на приоритетите на владините коалициски партнери.


„Не се битни само резултатите, дали тие биле добри или недоволно добри. Понекогаш реконструкцијата се прави затоа што се менуваат приоритетите. Она што било приоритет пред две години, денес може да има поинаква форма“, изјави Мицкоски во гостувањето во Отвореното студио на МРТ.

Тој најави дека ќе има промени на ресори меѓу коалициските партнери, но не откри детали за тоа кои министри ќе бидат заменети и кои ресори ќе претрпат промени.

Премиерот рече дека сè уште не е дефинирано дали реконструкцијата ќе опфати една третина од владините функционери или ќе биде поширока.

„Во вторник најпрвин треба да помине седницата на Извршниот комитет, па дури потоа ќе ги кажеме кои се ресорите и кои се имињата. Во суштина, станува збор за промена на портфолија и промена на приоритети кај владините коалициони партнери“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека Владата денес е во значително подобра состојба отколку пред две години, кога ја презела власта.

„Ако некој почнувал од нула, ние почнувавме од длабок минус. Денес конечно сме консолидирани и подготвени да забрзаме напред“, истакна премиерот.

Мицкоски изрази уверување дека реконструираниот владин состав, доколку ја добие поддршката во Собранието, успешно ќе го заврши својот мандат и ќе ги реализира новодефинираните приоритети од владината програма.

Можете да прочитате

МАТУСИТЕБ бара конкретни механизми за застапеност на турската заедница во институциите

Митрески до Кочоска: Зошто 44 милиони евра пари на осигурениците не се префрлени во вториот столб – кој ќе ја надомести штетата?

До 18 часот регистрирани шест пожари на отворено